
Реакција по повод нетранспарентното работење на Судски совет на РСМ на седницата одржана на 15 април 2026
16/04/2026Блупринт групата за реформи во правосудството повторно ја изразува својата загриженост поради недоволното транспарентно постапување на Судскиот совет на Република Северна Македонија (ССРСМ) при усвојувањето на Извештај за работа за 2025 година. Ваквиот начин на постапување на Советот предизвикува проблем од три суштински аспекти:
- Граѓанските организации беа формално поканети на седницата, но без можност за суштинска вклученост во дискусијата, во спротивност со препораките на Оценската мисија на ЕУ и Деловникот на ССРСМ,
- Годишниот извештај на ССРСМ не содржи доволно аналитичка содржина и остава впечаток на повторување на претходни години и
- Водење на ограничена дискусија при усвојување на Годишниот извештај и без суштински осврти.
На седницата, Судскиот совет на РСМ расправајќи за точката од дневниот ред која се однесуваше на усвојување на Извештајот за работа на ССРСМ за 2025 година не ја искористи можноста да ја промовира сопствената работа која ја реализираше во изминатата година.
Имено, како и досега, во овој извештај се содржани само минимум податоци за работата која ја извршил ССРСМ минатата година што е законска обврска, согласно одредбите од новиот закон. Извештајот во основа не опфаќа посуштински и пообемни анализи на податоците и состојбите кои може да ја пресликаат реалната работа на Советот во изминатата година иако во истата одредба стои дека извештајот содржи и „други прашања во врска со остварувањето на независноста и самостојноста на судството“, како и „степен на реализација на Годишната програма за работа на Советот по ставки“.
На седницата Судскиот совет, даде многу оскудна и нецелосна презентација на Извештајот без да се издвојат јасни заклучоци и согледувања за состојбите во судството што придонесува кон тоа јавноста да не може да биде целосно запознаена со работата на Советот во 2025 година. Исто така, на самата седница, изостана аргументирана дискусија за суштинските прашања, при што преовладуваа општи и формални констатации без конкретни анализи и покрај тоа што дел од членовите инсистираа истите да бидат дел од извештајот.
Воедно во насока на зголемување на суштинската транспарентност во работат на ССРСМ, како обврска од Оценската мисија на ЕУ беше препорачано на седниците на кои се разгледува и усвојува извештајот за работа да бидат поканети здруженија на судии и граѓански организации кои ја следат работата на ССРСМ. На седница немаше претставник од Здружението на судии на РСМ ниту пак беше запознаена јавноста дали истите имаат дадено свои видувања и коментари по однос на Извештајот за работа на ССРСМ за 2025 година.
Исто така, во духот на транспарентноста, Судскиот совет не ја примени доследно одредбата за вклученоста на граѓанските организации во рамките на оваа точка. Седниците на Советот се јавни и оттаму граѓанските организации редовно ги следат истите, смислата на одредбата на Деловникот на Судскиот совет и препораката на Оценската мисија е да се даде можност граѓанските организации да се вклучат во дискусијата за работата на извештајот. Суштината на оваа препорака е да се овозможи активна вклученост на граѓанските организации и Здружението на судии во дискусијата – нешто што изостана во изминатите две години.
Со ваквото постапување ССРСМ ја пропушти можноста за подобрување на својата транспарентност, но и доследна примена на препораките од Оценската мисија, особено што во Деловникот за работа на ССРСМ има одредба со која се бара присуство на граѓански организации оваа седница, што беше само формално, а не и суштинско исполнување на препораките. Формалното толкување на одредбите, без нивна суштинска примена, остава впечаток на рестриктивно и ригидно толкување кое не оди во прилог на развојот на правната и институционалната култура и довербата во институцијата.
Поради тоа, Блупринт групата укажува дека транспарентно работење не значи само присуство на јавноста на седниците, туку и вистинска отвореност за дискусија, анализа и меѓусебен дијалог, токму преку можност за активно вклучување на професионалната јавност преку Здружението на судии на РСМ и на општата јавност, преку претставниците на граѓанскиот сектор.
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

