
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира
20/02/2026Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост поради одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија (ССРСМ) да ја исклучи јавноста при одлучувањето по барање за повторување на постапка по пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Оваа пракса претставува отстапување од принципите на транспарентност и отчетност. Иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретното барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од ЕСЧП има различна правна природа и претставува прашање од јавен интерес. Досегашната пракса на Советот потврдува дека ваквите барања се разгледуваат на јавни седници, без тоа да го загрози интегритетот на судијата, туку напротив – го зајакнува легитимитетот на одлуките.
Особено имајќи предвид дека одлуките за разрешување, како и пресудата на ЕСЧП, се јавно објавени, не постојат оправдани причини јавноста да биде исклучена во оваа фаза.
Во демократско општество, транспарентноста е предуслов за доверба. Кога Судскиот совет одлучува за прашања поврзани со имплементација на пресуди на ЕСЧП без присуство на јавноста, се доведува во прашање правната сигурност и довербата во институцијата. Притоа, потсетуваме дека ваквото постапување е во спротивност со препораките на Оценската мисија на ЕУ, Комуникациската стратегија на ССРСМ и целокупните заложби за реформи и унапредување на јавната доверба во судството.
Блупринт групата потсетува дека доследното почитување на процедурите и принципот на јавност се клучни за градење независно и кредибилно правосудство. Поради тоа, апелираме до ССРСМ да обезбеди отвореност кон јавноста и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото.
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)


