[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / СООПШТЕНИЈА

СООПШТЕНИЈА

2017
 
2016
 
2015

ПЛАТФОРМА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

До: Медиумите Предмет: Покана за прес конференција

Почитувани, Граѓанските организации членки на Платформата за борба против корупцијата ве покануваат да присуствувате на прес конференцијата што ќе се одржи на 25 март 2015 година (среда) во 12 часот во хотелот Холидеј ин во Скопје која ќе се однесува на прислушкуваните телефонските разговори кои повеќе од еден месец се објавуваат во јавноста.

Од прес конференцијата ќе биде упатен повик до надлежните институции да постапат по наводните злоупотреби, незаконито постапување, корупција и нарушување на човековите права кои се наведуваат во објавените телефонски разговори.

Повеќе информации кај Миша Поповиќ на тел. 071/221 439 или кај Гонце Јаковлеска на тел. 02/3088 970 и 070/252 081, како и на е-маил: gjk@mcms.mk

Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации. Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.

организации

Скопје, 24 март 2015 год.

2014
2013

Работилница „Младите и полицијата – кои се нашите права?“

Втората работилница од проектот за граѓанско општество на УСАИД, чиј организатор беше коалицијата “Сите за правично судење“, се одржа во Кочани. Се работи за активност во која се вклучени пет градови во државата како дел од имплементирањето на грант проектот “Младите и полицијата – кои се нашите права?“.

Целта на работилниците е младите да се запознаат со Законот за малолетничка правда, со Законот за полиција, Законот против прекршување на јавниот ред и мир, односно да научат нешто повеќе за нивните права во односите со полицијата.

– Младите најмногу се интересираа во однос на прашањето за полициското постапување, на пример кога ќе бидат запрени, начинот на легитимирање, односно кои се нивните права токму во тие постапки. Од досега одржаните две работилници можам да кажам дека тие многу малку ги знаат своите права, па поради таа цел ги организираме овие работилници, рече Фросина Дониновска, проектен координатор во коалицијата “Сите за правично судење“.

Во коалициајата “Сите за правично судење“ членуваат вкупно 18 граѓански организации од државата меѓу кои е и кочанското Здружение на студенти на Правниот факултет “Павел Шатев“. Тоа беше доамаќин и еден од соорганизаторите на работилницата.

– Излобиравме, како еден од членовите на коалицијата, работилници да се одржуваат и во Кочани. Оваа година славиме 10 години од постоењето на коалицијата, значи јубилејна е, а работилницата што се одржа денеска е дел од тој јубилеј. Свеченоста по повод јубилејот ќе се одржи на 6 декември во Кочани со една работилница на која ќе ги поканиме правобранителот, обвинителот, судии, адвокати, значи на едно повисоко ниво, и на интерактивен начин ќе поразговараме за досегашното имплементирање на европските резолуции и декларации, рече Благој Ристов, претседател на Здружението “Павел Шатев“.

На работилницата во Кочани присуствуваа средношколци од СОУ “Гошо Викентиев“, односно со членови на младинската органзиација “Авангарда“ со која Здружението “Павел Шатев“ има одлична соработка.

https://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=QEAk-lkqzug

http://www.kanal8.mk/

Телевизија Канал 8 – 18.11.2013 година

Полицијата тепа според закон

Кога некој граѓанин пријавува и покренува постапка против некој полициски службеник за прекумерна употребна на сила, добива контра тужба од полицаецот дека бил извршен напад врз службено лице. Тоа е и една од причините зошто граѓаните често се повлекуваат од постапките, стравувајќи дека од жртва ќе добијат статус на обвинет, објаснуваат во Хелсиншкиот комитет. повеќе>>

http://www.makdenes.org/

Радио Слободна Европа – 13.07.2013 година

Радио Слободна Европа

http://www.makdenes.org/audio/audio/959432.html

Коалиција Сите за правично судење – 15.07.2013 година

Информација по повод Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура

По повод Меѓународниот ден за заштита на жртвите од тортура Коалицијата на здруженија на граѓани “Сите за правично судење” изразува поддршка за жртвите од тортура и по тој повод се приклучува кон одбележување на значајноста на ефикасното истражување на сите облици на тортура и нивно спречување.

Преземи>>

Коалиција Сите за правично судење – 26.06.2013 година

Полициското (не)постапување и тортура во Македонија во 2012 година, во рамките на Извештајот од проектот “Поддршка на човековите права”

Коалицијата “Сите за правично судење” заедно со дел од од своите членки-организации, осум години ја имплементира програмата за поддршка и развој на човековите права, преку која се спроведува проектот “Поддршка на човековите права”. Преку овој проект се обезбедува бесплатна правна помош на потенцијални жртви на тортура или полициска злоупотреба, непостапување и се врши обезбедување на лекарски прегледи и застапување на потенцијалните жртви пред судовите и останатите надлежни органи.

Во текот на 2012 година Коалицијата “Сите за правично судење” преку националната канцеларија и ргионалните правни советници, регистрираше 20 предмети со 23 жртви на полициска злоупотреба на овластувањата и положбите, тортура(бруталност) или непостапување. Од поднесените жалби за полициска тортура од припадниците на МВР, преку проектот се регистрирани 54 сторители, од кои еден е началник на локална полициска станица, а поднесената жалба се однесува на непостапување на овластено лице по поденсена пријава. За регистрираните случаи, Коалицијата обезбеди бесплатна правна помош, преку која жртвите примарно поднесуваа жалби против прекумерна употреба на сила од страна на униформираните полицајци или пак непостапување на полицијата по поднесените пријави или жалби.

Најголем дел од жалбите за полициска тортура или непостапување, се однесуваат на психолошкиот притисок врз жртвите да се откажат од некое нивно право, но евидентиравме и случаи каде е употребена физичка присила врз истите. Додека во претходните години жртвите пријавуваа физичко насилство од страна на полицијата, кое резултираше со лесни или тешки телесни повреди, во 2012 година жртвите најчесто се жалат поради непостапување на службените лица, односно неуспех на полицијата да го заштитат животот и имотот на граѓаните. Воедно, граѓаните се соочувале со кривични пријави за напад на службено лице, мерка кон која посегнува МВР, скоро секогаш кога овластените лица се соочени со жалба поради употреба на прекумерна сила. Овој инструмент на полицијата премногу влијае на жртвите во процесот на продолжување на започнатата постапка, т.е. отстапување од понатамошниот тек на постапката за евентуална судска разрешница на истата.

Во однос на националната припадност на жртвите, споредбено со фактичката состојба во земјата, како и онаа идетификувна со проектот, констатравме дека не се совпаѓаат. Така, во текот на минатата година, нема ниту еден регистиран случај на полициска тортура или непостапување за граѓаните од албанската етничка заедница. Најголемиот дел од регистрираните случаи се граѓани од македонска и ромска националност, каде се евидентирани по 10 жртви од двете етнички заедници. Регистриравме и 3 случаи на жртви кои се од турската националност. Овој податок доведува до можен заклучок дека припадниците на албанската етничка заедница не пријавуваат случаи на полициско не постапување или тортура. Во однос на старосната структура на жртвите, и во 2012 година предничат жртвите мажи во однос на жените. Особено загрижува фактот што годишната возраст на жртвите е се пониска, споредбено со претходните години. Така, најмладата жртва на полициска торутра минатата година имала под 16 години.

Посетата на полициски станици е континуирана активност која што продолжи и во текот на 2012 година. Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР им помогна на правните офицери од Коалицијата да посетат некои од полициските станици, но секоја од овие посети беше претходно најавена и одобрувана, а правните советници беа придружувани од страна на службено лице при посетите. Ова говори дека и покрај долгогодишната соработка, МВР и понатаму е недоволно транспарентно и кооперативно со граѓанските организации. Коалицијата ја поздравува успешната соработка со Народниот правобранител, со која институција тесно соработува во спроведувањето на овој проект.

Преземи >>

Коалиција Сите за правично судење – 12.06.2013 година

Полицајци малтретирале физички и психички

Коалицијата “Сите за правично судење”, лани преку националната канцеларија и регионалните правни советници, регистрилала 20 предмети во кои имало 23 жртви на полициска злоупотреба на овластувањата и положбите, тортура (бруталност) или непостапување. Најголем дел од жалбите за полициска тортура или непостапување се однесувале на психолошкиот притисок врз жртвите да се откажат од некое нивно право, но имало и прекумерна употребена физичка присила токму кон жртвите, се вели во анализата на коалицијата. повеќе>>

http://www.plusinfo.mk/

+Инфо – 12.06.2013 година

Коалиција “Сите за правично судење”: Полицијата малтретира и физички и психички

Во анализата која што ја објави „Сите за правично судење“, се наведува дека лани националната канцеларија и регионалните правни советници, регистрилала 20 предмети во кои имало 23 жртви на полициска злоупотреба на овластувањата и положбите, тортура (бруталност) или непостапување. повеќе>>

http://www.sky.mk/

Sky.mk – 12.06.2013 година

Полициското (не)постапување и тортура во Македонија во 2012 година

Коалицијата „Сите за правично судење“ заедно со дел од од своите членки-организации, осум години ја имплементира програмата за поддршка и развој на човековите права, преку која се спроведува проектот „Поддршка на човековите права“. Преку овој проект се обезбедува бесплатна правна помош на потенцијални жртви на тортура или полициска злоупотреба, непостапување и се врши обезбедување на лекарски прегледи и застапување на потенцијалните жртви пред судовите и останатите надлежни органи. повеќе>>

http://www.okno.mk/

Окно – 12.06.2013 година

Реакција до јавноста – Случајот со отстранување на ра-ботниците роми од одделот за храна во ТЦ Скопје Сити Мол

Почитувани, Коалицијата сите за правично судење се приклучува кон реакцијата на граѓанските организации во врска со СЛУЧАЈОТ СО ОТСТРАНУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ РОМИ ОД ОДДЕЛОТ ЗА ХРАНА ВО ТРГОВСКИОТ ЦЕНТАР СКОПЈЕ СИТИ МОЛ.

Преземи >> Реакција до јавноста

Коалиција Сите за правично судење – 01.04.2013 година

Реакција до јавноста – Закон за правосуден испит

Почитувани, Ви ја проследуваме реакцијата до јавноста на Коалицијата Сите за правично судење, по однос на предлогот за измени на Законот за правосудниот испит. Во случај на дополнителни информации бидете слободни да не контактирате.

Преземи >> Реакција до јавноста – Закон за правосуден испит

Коалиција Сите за правично судење – 05.03.2013 година

2012
2011

Работилница “Односот помеѓу полицијата и јавното обвинителство според измените во новиот Закон за кривична постапка”

Оваа работилница ја организира и спроведе Коалицијата “Сите за правично судење” во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во рамките на Проектот за набљудување на судски предмети од областа на корупцијата (Corruption Trial Monitoring Programme), поддржан од Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на Кралството Холандија. На 06 и 07 декември 2011 година во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители се одржа Третата работилница со релевантните претставници на правосудните државни органи кои работат во областа на корупцијата и организираниот криминал на тема “Односот помеѓу полицијата и јавното обвинителство според измените во новиот Закон за кривична постапка” (Споредбени искуства со Република Хрватска). Присутни беа претставници на сите релевантни правосудни органи во земјата, судии од кривичните одделенија на македонскиот правосуден систем, адвокати, обвинители од основните и вишите јавни обвинителства, обвинители од јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, претставници од Министерството за внатрешни работи (ЦСОСК), од Управата за јавни приходи и Царинската управа. Како надворешен експерт учествуваше Г – дин Драган Новосел – прв заменик на јавниот обвинител на Република Хрватска, додека домашни предавачи беа г – дин Марко Зврлевски – јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Скопје, претседател на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија и г – дин Митко Чавков – Началник за сузбивање на организиран и сериозен криминал ЦСОСК на Министерство за внатрешни работи на Република Македонија.

Коалиција Сите за правично судење – 08.12.2011 година

Работилница “Спогодување за вина во кривичната постапка”

На 28.11.2011 и 29.11.2011 година во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители се одржа Втората работилница со релевантните претставници на правосудните државни органи кои работат во областа на корупцијата и организираниот криминал на тема “Спогодување за вина во кривичната постапка”. Оваа работилница ја организира и спроведе Коалицијата “Сите за правично судење” во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во рамките на Проектот за набљудување на судски предмети од областа на корупцијата (Corruption Trial Monitoring Programme), поддржан од Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на Кралството Холандија. Во улога на надворешен експерт учествуваше Г–дин Лука Фереро – судија на Кривичниот суд во Торино, Италија, додека професорката Гордана Бужаровска од Правниот Факултет – Скопје и адвокатот Јаким Наумов дадоа свој придонес како домашни предавачи. Присутни беа претставници на сите релевантни правосудни органи во земјата, судии од кривичните одделенија на македонскиот правосуден систем, адвокати, обвинители од основните и вишите јавни обвинителства, обвинители од јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Коалиција Сите за правично судење – 30.11.2011 година

Соопштение за медиуми

Коалицијата “Сите за правично судење” на ден 25.10.2011 година во просториите на Клубот на новинари одржа тркалезна маса за промоција на финалниот извештај на проектот “Набљудување на судските случаи во кои новинарите се обвинети за клевета и навреда”. Проектот започна со имплементација во октомври 2010 година, а како главна активност беше набљудување на судските постапки против новинарите обвинети за клевета и навреда, а посебно почитување на стандардите за фер и правично судење предвидени во член 6 од Европската конвенција за човекови права. Имплементацијата на проектот беше финансиски помогната од Фондацијата Отворено општество Македонија и мрежната Програма за медиуми Лондон. Целиот извештај можете да го прочитате во делот со публикации на нашата веб страна.

Коалиција Сите за правично судење – 27.10.2011 година

Денот на судството во сенка на Денот на дрвото

66 години по одлуката на Президиумот на АСНОМ, судството во Македонија е посебна власт независна и самостојна. Толку години судството тежнее да стане и во пракса независно и ефикасно. Европската унија во извештаите редовно испорачува критики за судството, а партиите постојано се обвинуваат кој го партизирал.

Но, и македонските невладини организации кои ги опсервираат судовите, ги повторуваат забелешките- долги притвори во просек од дури 140 дена, ниски казни кои не придонесуваат во превенција на криминалот и корупцијата. Сепак констатирале и одредени подобрувања.

Во 2010 забележавме голема ефикасност во делот на донесување пресуда (траење на судење) односно во дури 68 % пресуда била донесена во рок од 6 месеци меѓутоа од друга страна, спротивно, останатите 32 % има многу долго траење на постапката. Односно има случаи каде трае и до 6 години, вели, Михаил Готовски, Коалиција сите за правично судење.

Медиумите и оваа година известуваа за недоволно средства за судската власт, блокирани сметки на судови, судски долгови, избор и разрешување на судии по партиски клуч, непотизам, недоволно судска полиција, неколку судии делат еден стручен соработник. Претседателката на највисокото судско тело не се согласува со критиките кои доаѓаат и од внатре и од надвор.

Можеби вие од надвор не можете да воочите, но ние што работиме, воочуваме промени, еве може да забележите и со новите пакет законски измени, дека имаме пократки рокови за постапување. Самите судии мора да се придржуваат на тие законски рокови. Имате многу вложувања во судството, обновување на згради. Никогаш досега судовите не биле поопремени, смета Александра Зафировска, претседател на Судски совет.

Нејзиниот претходник Грчев пред истекот на мандатот сепак потврди дека притисоци имало и ќе има, но побитно било да се одолее. Има судии што не заслужиле да бидат ниту чистачи, а не пак судии, рече Грчев.

Покрај пакетот реформски закони, власта најавува подобрување на состојбата во судството со осамостојување на судскиот буџет. До 2014 треба да се удвојат средства кои ќе ги добива судството односно за судскиот буџет да се издвојуваат 0,8 отсто од бруто домашниот производ. Владејачката партија предложи и излегување на Маневски од Судски совет за да се обезбеди поголема независност на судската власт.

Денот на македонското правосудство оваа година е во сенка на Денот на дрвото. За разлика од претходно кога се организираа дебати и разни манифестации, неработниот ден ги затвори судовите, а ресорниот министер Маневски одлучи да засади дрво. Следната недела ќе го одбележел Денот на правосудството со промоција на книга за сите достигнувања во судството.

Канал 5, Елена Ивановска – 31.03.2011 година

Тешко се надминуваат слабостите на судскиот совет

Одолговлекување на судските процеси, долгиот притвор и минималните казни се најголемите слабости на македонскиот правсуден систем, сметаат од Коалицијата на невладини роганизации – Сите за правично судење. При следење на 154 судски процеси во повеќе судови, од коалицијата утврдиле дека во земјата нема речиси никаков напредок во судскиот систем и борбата со корупцијата. Околу 40 проценти од осомничените минале повеќе од 140 дена во притвор, што е спротивно на препораките, а една третина од граѓаните за кои се води судски процес пресудата ја чекале и по 6 години.

Одолговлекувањето е проблем кој сите го знаат, а кога имате од една страна граѓанин, а од друга државен орган, имате нееднаквост на оружјето односно не може да се добијат доволно докази, вели Михаил Готовски, Коалиција – Сите за правично судење

Во случаите за организиран криминал и корупција пак обвинеите добивале минимални казни.

Доколку во Макеоднија корупцијата е во пораст, тогаш не знам како овие минимални казни би влијаеле превентивно и да не ги прават истите дела, вели Готовски.

Затоа од колаицијата пропорачуваат поголема соработка на истражните органи во предистражната постапка за навремен и ефикасен судски процес. Претседателката на Судскиот совет пак вчера изјави дека изминативе години со големиот број реформи забележан е напредок на правосудниот ситем.

Имате многу вложувања во судовите, се чека снимање на судските процеси и тоа ќе ги забрза процесите, вели Александра Зафировска, Судски Совет.

Денеска во Македонија треба да се одбелжува денот на правосудството, но поради акцијата за садење дрвца судовите не работеа, а отворениот ден во судовите најверојанто ќе се одржи наредната недела.

Телма, Дејан Ристовски – 31.03.2011 година

Притворите траат предолго, тврдат од “Сите за правично судење”

За Маневски позитивна пресвртница. За невладините застој. Каква е сликата за македонското судство на неговиот 66ти роденден? Министерот за правда смета дека судовите денес се поефикасни, подостапни и потранспарентни во споредба со периодот пред 5 години.

Маневски гледа напредок во бројот на решени предмети минатата година- за 53 % повеќе од 2009та. За 30 % бил намален и бројот на стари, заостанати судски случаи. Легислативата е збогатена за 142 закони. Електронското судство, канцелариите за односи со јавност, системот на кариера, според Маневски се реформи кои и допрва ќе даваат позитивни резултати.

И за претседателката на Судскиот Совет работите одат напред. Но тешко било за оние од надвор да видат, како судството напредува.

Според Коалицијата за правично судење која врши мониторинг на процесите во судовите, работите стојат во место се уште постојат сериозни слабости- Притворите траат долго, истрагите се нецелосни, казните се минимални, добиваат и полаки за непотизам и корупција.

Дел од случаите се завршуваат експресно, но има и такви на кои не им се гледа крајот. За достигнувањата од 2006та до денес но и предизвиците за македонското судство, министерството за правада ќе издаде книга на повеќе од 700 страници. Роденденот на судството ќе се прослави идната недела- денеска се сади иднина а не се дели правда.

Сител, Славица Арсова – 31.03.2011 година

Маневски го заборави денот на правосудството

Состојбата во судството е непроменета. На денот на македонското правосудство судските експерти ги лоцираат истите недостатоци-корупција, притисок, непотизам. Имаме експресни пресуди, но и судења кои траат и по шест години-тврдат од коалицијата на невладини кои надгледуваат повеќе од 150 судски предмети.

Имаме пријави за корупција и непотизам во судството.Граѓаните тешко доаѓаат до правда кога од другата страна е некој државен орган.-велат од Сите за правично судење. Дека имаме неефикасно судство во својот годишен извештај напиша и народниот правобранител.

“Нееднаков пристап кон правдата,селективност при одлучувањето и долги постапки што кај граѓаните создава чувство дека правдата е недостижна” – рече правобанителот.

Судовите денеска не работат. Наместо отчет за состојбата во судството, Маневски на денот на правосудството посади дрвце во Кратово. Од таму најавил дека денот ќе го одбележел идната недела со промоција на книга за успешните реформи во судството. За реформите во текот на годината судиите си ги кажуваа своето мислење-се жалеа на притисоци, закани,смени.

Алфа ТВ, Пандорче Димитриоска – 31.03.2011 година

Декриминализација на клеветата

Целосна декриминализација на клеветата и навредата и префрлање од кривичниот во граѓанскиот дел – барање на Здружението на новинари. Потребно е да се утврди и ограничување на паричната казна, имајќи во предвид дека енормно високите казни може да доведат и до затворање на медиум, беше речено на трибината организирана од коалицијата “Сите за правично судење”.

“Знаеме каква е економската состојба на новинарите, знаме дека работат за потпросечни плати, и сега ако еден новинар е осуден на казна од 30.000 евра, тој малтене треба десет години да работи, да не јаде ништо, да живее од воздух, за да може да ја плати казната”, вели Александар Манасиев,

“Самиот новинар, не верувам дека и сега големите казни какви што се за новинарите, мислам дека се големи, а камоли ако се отиде со големи парични казни, кои што ќе значат затворање и на медиумот”, рече Агим Мифтари,

Професорот од Правниот факултет, Тупанчевски прецизира дека станува збор за исклучително осетлива материја, имајќи во предвид дека споредните казни за клевета и навреда предвидуваат затворање на медиум и одземање на лиценца што значи директен атак врз демократските процеси.

“Било какво зафаќање во медиумската сфера, би значело на некој начин, ако тоа не биде дозирано, со одредена резерва, атак и врз слободниот израз на мисла, односно слободното уверување. Сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација, кое што би значело директен атак врз демократските процеси на една држава”, изјави Тупанчевски, универзитетски професор.

Потребно е товарот на докажување да е на тужителот констатираат во ЗНМ. Барањата за измени во однос на клеветата и навредата, наскоро ќе бидат доставени до Министерството за правда. Останува да се види колку државата е спремна да одговори на предизвикот да ги декриминализира критиката, јавно кажаниот збор.

А1, Миле А. Ристески – 23.03.2011 година

Тркалезна маса за кривичната одговорност во кривичните дела клевета и навреда

Во организација на коалицијата “Сите за правично судење” денеска во Скопје се одржа тркалезна маса на тема “Кривична одговорност во кривичните дела клевета и навреда, со посебен осврт на одговорноста на правните лица”. Професорот Никола Тупанчески смета дека казнената одговорност на правните лица се рефлектира врз извршувањето на кривичните дела од страна на медиумите или преку медиумите.

– Станува збор за материја која седум-осум години се применува во Македонија, но од самиот старт се покажаа одредени недоречености. Последните измени и дополнувања на Кривичниот законик од 2009 година, кои стапија во сила во 2010, значат подобрување на законската рамка во примената на казнената одговорност на правните лица, рече Тупанчески.

Посебен акцент, според него, треба да се стави за одредени категории на правни лица, субјекти кои се извршители на кривични дела или врз кои се извршиле кривични дела, посочувајќи на мас-медиумите и политичките партии.Во однос на новинарите, Тупанчески рече дека станува збор за правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите.

– Било какво зафаќање во медиумската сфера би значело на некој начин, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, атак и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација која би значела директен атак врз демократските процеси на една држава, додаде Тупанчески. Одоговарајќи на новинарско прашање во врска со измените на Кривичниот законик во однос на медиумите, тој вели дека една од новите казни е одземање и забрана на добивање лиценцна или договор.

– Тоа значи згаснување на работата на некоја новинарска куќа. Доколку судот реши дека таа медиумска куќа или тој правен субјект извршил кривично дело, му стои на располагање инструмент, механизам, значи освен паричната има и осум други казни во Кривичниот закон кои би значеле или привремено или трајно запирање на медиумот. Станува збор за многу сензитивна материја каде при имплементацијата на овие одредби треба да се биде особено внимателен, истакна професорот Тупанчески.

Во контекст на тоа, појасни дека одредбите за кривична одоговорност во однос на индивидуалниот новинарски израз остануваат, за авторот на текстот, главниот уредник, со што покрај кривичната одговорност на медиумот останува како посебна и одоговорноста на новинарот.Здружението на новинари на Македонија, како што рече Александар Манасиев, бара целосна декриминизација на клеветата и преминување на кривичниот дел навреда и клевета од Кривичниот суд во Граѓанското право.

– Оние што ќе се почуствуваат наклеветени и навредени од одреден новинарски прилог, правдата да ја бараат пред граѓанскиот суд. ЗНМ смета дека потребно е ограничување на висината на паричната казна што се досудува. Ако денеска се досудуваат казни од 30.000 евра, утре може лесно да се досудуваат од 100.000, половина милион или милион евра. Знаеме каква е економската состојба на новинарите, многу често работат за потпросечни плати, ако еден новинар е осуден на казна од 30.000 евра, тогаш тој треба да работи 10 години без да јаде ништо за да може да ја плати казната, изјави Манасиев.

Поранешениот судија во Врховниот суд, Агим Мифтари смета дека во ова време е добро е да остане ваквата декриминализација со исклучување на казната затвор. Друг проблем, според него, може да се појави ако се пресудуват големи парични казни, а може да дојде и до затворање на медиумот. За казнено-правната одговорност на правните лица и искуствата од домашната судска практика на денешната тркалезна маса говореше адвокатот Анита Бегова.

МРТ – 31.03.2011 година

ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата

Кривичната пријава за клевета и навреда се повеќе се експлоатира. Од политичари до обични граѓани, сите се користат со оваа алатка доколку се почувствуваат навредени. Поради природата на професијата, новинарите први на удар. ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата, за која знаеме дека се изрекуваа казни тешки и по 30 илјади евра.

– Бараме целосна декриминализација на клеветата и преминување на кривичниот дел на клевета и навреда во граѓанското право, а оние кои ќе почувствуваат наклеветени или навредени од одреден новинарски прилог, правдата да ја бараат пред граѓанскиот суд. Ако денеска се досудуваат казни од 30.000 евра, утре може лесно да се досудуваат од 100.000, половина милион или милион евра – изјави Александар Манасиев од ЗНМ.

Според експертите новинарот претставува правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите, и било какво задирање во нивната работа би претставувало атак врз слободното изразување.

– Било какво зафаќање во медиумската сфера би значело на некој начин, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, атак и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација која би значела директен атак врз демократските процеси на една држава – изјави Никола Тупанчевски, професор на Правен факултет.

Според поранешниот судија во Врховниот суд Агим Мифтари, големите парични казни може да доведат до затварање на медиуми.

– Финансиската способност на нашите медиуми отприлика можеме да ја знаеме, таа не е голема и ако се пресудуваат големи парични казни ќе дојде до затварање на медиуми, што претставува друга опасност – изјави судијата Агим Мифтари.

Тркалезна маса за кривичната одговорност во кривичните дела клевета и навреда се одржа во организација на коалицијата “Сите за правично судење”.

Сител, Антонио Крстевски – 23.03.2011 година

ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата

Здружението на новинари бара целосна декриминизација на клеветата и префрлање на овие дела од кривичното во граѓанското право.

“Потребно да се ограничи висината на паричната казна што се досудува. Ако денес се досудуваат казни од 30.000 евра, утре лесно би можеле да се досудат казни од 100 илјади, половина милион или милион евра. Знаеме каква е економската состојба на новинарите, многу често работат за потпросечни плати, а ако еден новинар е осуден на казна од 30.000 евра, тогаш тој треба да работи десет години без да јаде ништо за да може да ја плати казната”. Ова го изјави Александар Манасиев од ЗНМ на вчерашната тркалезна маса “Кривична одговорност во кривичните дела клевета и навреда, со посебен осврт на одговорноста на правните лица”, што ја организираше коалицијата “Сите за правично судење”.

“Станува збор за материја која седум-осум години се применува во Македонија, но од самиот старт се покажаа одредени недоречености. Последните измени и дополнувања на Кривичниот законик од 2009 година, кои стапија во сила во 2010, значат подобрување на законската рамка во примената на казнената одговорност на правните лица”, рече Никола Тупанчески, универзитетски професор.

Во однос на новинарите, тој посочи дека станува збор за правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите.

“Какво било зафаќање во медиумската сфера, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, на некој начин би значело атака и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите, треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација, која би значела директна атака врз демократските процеси на една држава”, додаде Тупанчески.

Поранешниот судија во Врховниот суд, Агим Мифтари, смета дека во ова време е добро е да остане ваквата декриминализација со исклучување на казната затвор. Друг проблем, според него, може да се појави ако се пресудуваат големи парични казни, при што може да дојде и до затворање на медиумот

Утрински Весник, П. Р. – 24.03.2011 година

2010

Соопштение до јавноста

Неказнивоста дозволува тортура во полициските редови

Коалицијата “Сите за правично судење” заедно со своите партнер организации Форум за правата на Ромите Арка,Центар за граѓанска иницијатива,Центар за демократски развој и ИЗБОР најостро ги осудуваат последните настани на полициска бруталност и тортура.

Здруженијата на граѓани кои заеднички го имплементираат Проектот за поддршка на човековите права и кои обезбедуваат бесплатна правна помош на потенцијални жртви на тортура или полициска злоупотреба реагираат на постапките кои ги преземаат полициските службеници со кои се нанесуваат телесни повреди врз граѓаните и на тој начин се руши угледот на МВР како сервис на граѓаните.

Недозволиво е да се појавуваат случаи како што се “полицаец тепал вработен во пајак-служба” или “полицискиот специјалец пак истепал две момчиња” кои беа објавени во дневниот весник Дневник на 24.08.2010 година.

За првиот случај на полицискиот специјалец каде едно од жртвите беше и во кома, Проектот за поддршка на човековите права ангажираше бесплатен адвокат кој ќе им помага на лицата во остварувањето на своите права. Индикативно е што во овој случај кај кој беа нанесени тешки телесни повреди и се поднесе кривична пријава од МВР, истрагата е сеуште во тек и после неколку месеци во Основното обвинителство во Гостивар.

Во рамките на нашиот проект е заведен и случај на тортура во Прилеп декември 2009 за кој МВР поднесе кривична пријава за напад на службено лице против жртвата од тортура. Основното јавно обвинителство во јуни 2010 година ја отфрли кривичната пријава за напад на службено лице, но во исто време нема одговор за кривичната пријава поднесена од жртвата за тортура и малтретирање во вршење на службата заради што е поднесена и Ургенција до Народниот правобранител.

Во рамките на Проектот регистрирани се случаи на тортура и малтретирање во вршење на службата за кои се поднесени кривични пријави од 2007 и 2008 година за кои нема разрешница и одговор на јавното обвинителство. Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР ги казнува полициските службеници со намалување на плата, кривичниот прогон се одолговлекува од страна на јавното обвинителство и на тој начин неказнивоста дозволува нови случаи на тортура во полициските редови.

Дефинирањето на строга забрана за тортура е содржана и во домашните законски и подзаконски акти. Согласно член 37 од Кодексот на полициска етика “полициските службеници не смеат да предизвикуваат,потикнуваат или толерираат никаков чин на тортура,мачење,нечовечко или понижувачко постапување или казнување”.

Во првите шест месеци од 2010 година во рамките на Проектот се пријавени 31 случај на полициска злоупотреба врз граѓаните меѓу кои има поплаки за прекумерна употреба на сила ,малтретирање во вршење на службата и тортура.

здруженијата на граѓани кои го имплементираат Проектот за поддршка на човековите права ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека им се повредени правата при полициско постапување да пријават на телефон 02/3215-263 ,3215-264 каде може да добијат бесплатна правна помош како и финансиска помош за лекарската документација.

ПРОЕКТ ЗА ПОДДРШКА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА www.hrsp.org.mk

Коалиција “Сите за правично судење” – 24.08.2010 година

Соопштение до јавноста

Реакција за полициската акција во оранжериите во Банско

ОД: Проект за поддршка на човековите права имплементиран од здруженијата на граѓани Избор од Струмица,Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, Форум за правата на Ромите Арка од Куманово,Коалиција Сите за правично судење и Центар за демократски развој од Тетово.

Граѓанските организации кои заеднички го имплементираат Проектот со кој се дава правна помош при пречекорување на полициските овластувања најжестоко го осудуваат вчерашното постапување на полициските службеници во обидот да се срушат оранжериите во Банско.

Според снимките кои беа покажани на неколку национални медиумски куќи јасно се гледа дека полициските службеници ги имаат пречекорено своите овластувања и користат сила откако е совладан отпорот на лицата кои протестираа за рушењето на овие објекти.

Затоа здруженијата на граѓани бараат од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи да го испитаат случајот на полициското дејствување при рушењето на објектите во Банско, како и да го казнат полицискиот службеник кој според снимките со тупаници и клоци удира по едно од лицата откако тоа веќе е совладано ,не дава отпор и на кое му се ставени средства за врзување.

Воедно здруженијата на граѓани ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека им се повредени правата при оваа полициска постапка да се пријават на бесплатниот телефонски број 0800 11 333 или во локалната канцеларија во Струмица –ИЗБОР каде може да добијат бесплатна правна помош како и финансиска помош за лекарската документација.

Коалиција “Сите за правично судење” – 19.05.2010 година

Соопштение до медиумите

Ефикасност во заштитата на човековите права при пречекорување на полициските овластувања

Законот за полиција ја регулира материјата на полициските овластувања и се темели на заштита на човековите слободи права. Но што доколку правата и слободите се повредени или загрозени од страна на претставниците на полицијата. Во таа насока постои Проектот за поддршка на човековите права кој заеднички го имплементираат здруженијата на граѓани “Центар за демократски развој“ од Тетово, “Форум за правата на Ромите –Арка “од Куманово, “Центар за граѓанска иницијатива“од Прилеп “Избор” од Струмица и Коалиција “Сите за правично судење” . Преку Проектот се овозможува бесплатна правна помош на граѓани кои сметаат дека се потенцијални жртви на полициска злоупотреба или тортура и истиот се имплементира и во 2010 година со поддршка на Европската Унија.

Врз основа на укажаната бесплатна правна помош и меѓуинституционалната поврзаност со цел обезбедување на ефикасна заштита на потенцијалните жртви од полициска злоупотреба или тортура се изготви годишна правна анализа насловена “Ефикасност во заштитата на човековите права при пречекорување на полициските овластувања”.

На оваа прес конференција сакаме да ги изнесеме нашите наоди, да ги поздравиме позитивните трендови и да укажеме за недостатоците во справувањето со овој вид на пречекорувања од страна на полицијата.

Главни наоди:

• Во период од 01.11.2008 до 31.10.2009 во 42 случаи е побарана бесплатна правна помош од граѓани кои тврделе дека се жртви на полициска злоупотреба и дека нивните права се повредени со пречекорување на полициските овластувања. • Зголемен е бројот на пријавени случаи во споредба со 2008 година (37 случаи) за 15,96%. • Иако и понатаму најголем број на поплаки пристигнуваат од Македонци,во 2009 година за 63% е зголемен бројот на поплаки од страна на граѓани Роми. • Од вкупно пријавените 42 случаи ,во 21 граѓаните се пожалиле на прекумерна употреба на сила,во 5 случаи за малтретирање во вршење на службата,во 2 случаи за навредувачко и понижувачко однесување ,во 6 случаи за незаконско или непрофесионално постапување од страна на полициските службеници,во 4 случаи за непостапување или непреземање на мерки за заштита на животот или имотот на граѓаните,во 2 случаи за незаконско постапување при претрес на дом и лице и во 2 случаи за злоупотреба на службената должност. • Во 2009 година поднесени се 36 претставки до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР • Во 73% од добиените одговори на Секторот е констатирана неоснованост на претставките,во 17% тие се основани ,а во 10% немало доволно докази за да се утврдат наводите во претставката. • Во 2009 година поднесени се 23 претставки до Народниот правобранител, а во соработка со оваа институција финансиски е покриено едно судско-медицинско вештачење и 3 лекарски уверенија. • Од поднесените претставки до НП доставени се 2 барања за утврдување на кривична одговорност до Јавното обвинителство. • Забележлива е неефикасност во постапувањето на Јавното обвинителство со долготрајни постапки • Судот води долготрајни постапки со што се доведува во прашање судењето во разумен рок

Позитивни трендови:

• Се забележува намалување на поплаки од страна на жени и малолетни лица (во 2009 година пријавени се 3 малолетни лица и 5 жени) • Намален е бројот на пријави за инспектори од 29%(2008) на 17%(2009),а нема ни една пријава за командири на полициски станици • Зголемена соработка со Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР • Во 2009 во соработка со СВКПС проектот спроведе обука за полициски службеници на тема Почитување на правата на лица лишени од слобода. • СВКПС започна со транспарентно информирање на пошироката јавност за преземените дејствија преку објавување на двонеделни билтени на својата интернет страна. • Потпишан Меморандум за соработка со Народниот правобранител

Препораки:

• Спроведување на ефикасна истрага и санкционирање на полициски службеници кои извршиле полициска злоупотреба или тортура. • Утврдување на индивидуална одговорност на полициските службеници со цел да се избегне генерализација. • Почитување на меѓународните и домашните стандарди за постапување со лица лишени од слобода. • Организирање на специјализирани обуки за користење на ненасилни вештини и техники за совладување на отпор или напад без прекумерна употреба на сила. • Воспоставување на аудио-видео запис од распитите со што ќе се спречат можните лажни обвинувања дека изјавите се дадени под присила или дека лицето било жртва на малтретирање или тортура • Доекипирање на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди како и техничка опременост за ефикасно спроведување на истрагите по поднесена претставка од граѓани за полициска злоупотреба или тортура • Почитување на законските рокови за доставување на одговор по поднесена претставка како и известување за прогресот на постапката во случај кога таа се продолжува повеќе од 30 дена. • Потребно е формирање на независен и надворешен механизам за контрола и третирање на случаите на полициска тортура. • Засилена улога на Народниот правобранител со која ќе му се дозволи независна истрага надвор од истрагата што ја спроведува МВР . • Итно иницирање на законски измени за воспоставување на посебно одделение за полициска злоупотреба во Јавното обвинителство. • Обезбедување на судење во разумен рок и целосно почитување на Европската конвенција за човекови права за принципот на фер и правично судење каде се предвидува еднаквост на средствата во постапката.

Коалиција “Сите за правично судење” – 23.02.2010 година

Соопштение до јавноста

Здруженијата на граѓани Избор од Струмица,Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, Форум за правата на Ромите Арка од Куманово,Коалиција Сите за правично судење и Центар за демократски развој од Тетово најостро го осудуваат настанот на полициска бруталност кој беше објавен во дневниот весник Дневник, според кој полициски службеник ,припадник на единицата за брзо распоредување (ЕБР) од Македонски Брод според тврдењата на жртвите извршил физички напад врз две лица од кои едното се бори за живот во Ургентниот центар во Скопје.

За овој настан според тврдењата на жртвите едно од лицата има добиено поголем број на повреди во пределот на главата и се наоѓа во тешка животна состојба,а другото лице има добиено тешки телесни повреди кои биле констатирани во прилепската болница.

Здруженијата на граѓани заеднички го спроведуваат Проектот за поддршка на човековите права преку кој се обезбедува бесплатна правна помош за жртви на полициска тортура. Проектот е поддржан од Европската Унија и Фондот за жртви од тортура при ООН.

Во рамките на овој Проект,здруженијата на граѓани ќе им помогнат на лицата жртви од овој настан преку обезбедување на правна помош и финансиска помош за медицинската документација, но воедно бараат Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР да преземе најостри мерки за санкционирање на полицискиот службеник кој нанел тешки телесни повреди врз недолжни граѓани и кривично да го гони за сторените повреди.

Воедно здруженијата на граѓани го повикуваат и Јавното обвинителство на РМ на проактивна улога во ефикасното и ефективно истражување на можните појави на полициска тортура со која се нанесуваат тешки телесни повреди по здравјето и животот на лицата.

Коалиција “Сите за правично судење” – 22.01.2010 година

2009

Соопштение до јавноста

Проектот за поддршка на човековите права бара ефикасна истрага за случајот на Добре Трајкоски

Проектот за поддршка на човековите права кој заеднички го спроведуваат Коалиција Сите за правично судење, Избор од Струмица, Арка од Куманово,Центар за демократски развој од Тетово и Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп бара од МВР и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди да извршат ефикасна истрага за случајот на Добре Трајкоски од Прилеп кој тврди дека бил брутално претепан од полициски службеници.

Здруженијата на граѓани во рамките на Проектот за поддршка на човековите права најостро ги осудуваат настаните со користење на сила од страна на полициски службеници потсетувајќи дека:

• Меѓународните стандарди ја ограничуваат употребата на сила од страна на лица одговорни за спроведување на законот, а силата може да се употреби само доколку е тоа неопходно и е во најмала можна мера во зависност од околностите. • Употребата на сила со која се нанесува голема физичка или психичка болка од страна на државни органи со цел да се казни или добие одредено признание согласно меѓународните акти е чин на тортура за кој се бара строго санкционирање на самите сторители. • Полицијата може да ги ограничи основните слободи и права на човекот и граѓанинот само под услови и во постапка утврдени со Уставот на Република Македонија и со закон. Во извршувањето на полициските овластувања полицискиот службеник е должен да постапува хумано и да ги почитува достоинството,угледот и честа на лицата како и основните слободи и права на човекот и граѓанинот ( член 32 од Закон за полиција)

Во исто време организациите го повикуваат лицето кое тврди дека е брутално претепано од полициските службеници да се јави на бесплатниот телефонски број 0800 11 333 и да го пријави случајот, а воедно може да му се обезбеди бесплатна правна помош како и финансиска помош за медицинската документација со која ќе се потврдат добиените повреди како и начинот на кој тие се стекнати.

Имплементацијата на Проектот е поддржана од Фондација Институт отворено општество – Македонија и Фондот за жртви од тортура при Обединетите Нации.

www.hrsp.org.mk

Коалиција “Сите за правично судење” – 25.11.2009 година

Соопштение до јавноста

Проектот за поддршка на човековите права бара од Полицијата ефикасна истрага за обвинувањата на новинарот Миомир Серафиновиќ

Проектот за поддршка на човековите права бара од Полицијата да изврши ефикасна истрага за обвинувањата дадени од новинарот Миомир Серафиновиќ, според чие кажување постојат сомневања за прекршување на законските и подзаконските акти од страна на полициски службеници. Според исказот на новинарот полицискиот службеник одбил да се легитимира, сакал да го приведе во полициска станица и на агресивен начин пробал да го внесе во необележано полициско возило.

Ваквото постапување на полицискиот службеник отвора сомнеж за постоење на полициска злоупотреба и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди е должен веднаш да постапи по добиените сознанија. Иако началникот на кумановската полиција го упатил новинарот Миомир Серафиновиќ да достави писмена претставка до СВКПС, сепак согласно Правилникот за работа на Секторот ова тело постапува и според сознанија, информации и податоци до кои самостојно доаѓа.

Како Проектот за поддршка на човековите права кој обезбедува бесплатна правна помош на граѓани кои се жалат на полициска злоупотреба сакаме да нагласиме дека:

• Службениците кои го спроведуваат законот ќе го почитуваат и штитат човечкото достоинство и ќе ги почитуваат и штитат човековите права на сите луѓе ( Кодекс на однесување, член 7) • Кога полицискиот службеник ги применува полициските овластувања во цивилна облека е должен најнапред да се легитимира ( член 33,став 2 од Закон за полиција) • Полицијата може да ги ограничи основните слободи и права на човекот и граѓанинот само под услови и во постапка утврдени со Уставот на Република Македонија и со закон. Во извршувањето на полициските овластувања полицискиот службеник е должен да постапува хумано и да ги почитува достоинството,угледот и честа на лицата како и основните слободи и права на човекот и граѓанинот ( член 32 од Закон за полиција) • Полицискиот службеник е должен да го запознае лицето за причините за проверка на неговиот идентитет ( член 38,став 3 од Закон за полиција) • Лице може да се приведе врз основа на писмена наредба издадена од надлежен суд (член 46, Закон за полиција) • Приведување без писмена наредба може да се изврши во случај кога е потребно утврдување на идентитет или лицето е затекнато во извршување на кривично дело или прекршок со елемент на насилство ( член 47 од Закон за полиција)

Во тој дел потребно е итно постапување на СВКПС за да се испита дали законските одредби се прекршени од страна на полицискиот службеник, како и негово казнување доколку тоа биде констатирано.

Проектот за поддршка на човековите права се имплементира од страна на Коалиција “ Сите за правично судење” Форум за правата на Ромите -Арка од Куманово, Центар за демократски развој од Тетово ,Избор од Струмица и Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп.

Имплементацијата на Проектот е поддржана од Фондација Институт отворено општество – Македонија и Фондот за жртви од тортура при Обединетите Нации.

Бесплатен телефонски број 0800 11 333 www.hrsp.org.mk

Коалиција “Сите за правично судење” – 17.07.2009 година

Соопштение до медиумите

Меѓународен ден за заштита на жртвите од тортура 26.06.2009

Проектот за поддршка на човековите права, кој заеднички го имплементираат здруженијата на граѓани “Центар за демократски развој“ од Тетово, “Форум за правата на Ромите–Арка“од Куманово,“Центар за граѓанска иницијатива“од Прилеп “Избор” од Струмица и Коалицијата “Сите за правично судење” дава бесплатна правна помош на граѓани кои сметаат дека се жртви од полициска злоупотреба или тортура и истиот се имплементира и во 2009 година.

По повод Меѓународниот ден за заштита на жртвите од тортура ( 26 јуни) Проектот сака да ја информира јавноста за регистрираните случаи на тортура во првата половина од 2009 и да ја осуди долгата постапка во остварувањето на правдата за евентуалните жртви.

Главни наоди:

• Во првата половина од 2009 година регистрирани се 7 случаи на граѓани кои се жалеле на полициска тортура • Од регистрираните случаи 1 е извршен во 2007 година, 3 во втората половина на 2008 година и 3 во 2009 година. За случајот кој е извршен во 2007 година лицето кое смета дека е жртва на тортура побарало мониторинг врз судската постапка. • Од регистрираните случаи 8 граѓани се жалеле на физичка тортура со нанесување на телесни повреди, додека еден граѓанин се жалел на психичка тортура од страна на полицијата. • Од регистрираните случаи 3 се однесуваат за Скопското подрачје, 2 за Прилепското подрачје, 1 за Кумановското подрачје и 1 случај од Струмичкото подрачје • Во 2009 година сеуште има случаи кои се во Основното Јавно обвинителство без било каква разрешница и тоа : Случај СК 034 каде е поднесена кривична пријава за тортура во 2006 година и сеуште предметот е во фаза на истрага, Случај СК 070 – иако Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава Вишото Јавно обвинителство ја враќа постапката по поднесено барање за испитување на законитоста во одлуката и е започната истрага за случај каде лицето се жали на тортура сторена во 2008 година, Случај СК 076 во март 2009 година поднесено е барање за кривична одговорност за сторено кривично дело Тортура и сеуште нема одговор од Јавното обвинителство. Кај овој предмет постои соработка со Народниот правобранител а Проектот ги покри трошоците за судско-медицинското вештачење кое покажа поголем број на удари од истрагата која ја спроведе МВР, Случај СК 075 каде се работи за тепање на малолетно лице во 2007 година и постапката е во тек, Случај СР 023 каде судската постапка трае од 2006 и каде лицата се жалат на тортура со физички и психички повреди. • Според изнесените податоци може да се заклучи дека и во 2009 година граѓаните се жалат на тортура од страна на полицијата, и иако внатрешната истрага ги отфрли претставките како несосновани за одреден број на случаи ,сепак медицинската документација покажува нанесување на голем број на удари со цел казнување или добивање на одредени информации и сознанија кои се од интерес за полицијата. • Основното јавно обвинителство постапува бавно и неефикасно и еден дел од предметите немаат своја разрешница иако се поднесени во период 2006-2007 година. • За еден случај ( СК 070) ОЈО донесе одлука за отфрлање на кривичната пријава по барање на жртвата од страв да нема понатамошни реперкусии од полицијата, а се работи за кривично дело кое се гони по службена должност. По доставено барање за испитување на законитоста во одлуката, Вишото јавно обвинителство го врати предметот на повторно разгледување

Главни препораки:

• Да се даде јасен сигнал од страна на владините институции за нулта толеранција на полициска тортура. • Да се овозможи ефикасен пристап до правдата на граѓаните кои се жалат на полициска тортура • Да се креира јасна дефиниција што значи употреба на сила во случаи на приведување или на гонење на осомничени лица • Основните јавни обвинителства ефикасно и навремено да ги спроведуваат истрагите за полициска тортура како и да постапуваат согласно законските основи кога се гони по службена должност • Да се пристапи кон формирање на специјализирано одделение при ЈО за полициска злоупотреба и тортура кое ефикасно и брзо ќе постапува по добиените кривични пријави • Судовите да го почитуваат правото на судење во разумен рок, без непотребни одлагања на рочиштата.

Коалиција “Сите за правично судење” – 26.06.2009 година

Соопштение до јавноста

Проектот за поддршка на човековите права ги осудува притисоците кои се прават врз граѓаните на Општина Петровец од страна на посебната мобилна единица АЛФИ

Проектот за поддршка на човековите права ги осудува притисоците, заплашувањата и малтретирањата кои деновиве се вршат од страна на полициската единица Алфи врз граѓаните на Општина Петровец.

Според изјавите во медимуите овие заплашувања се вршеле со цел граѓаните да гласаат за одреден кандидат на политичка партија за градоначалник на Општина Петровец. Воедно, заплашувањата оделе со уцена дека ако граѓаните не го дадат гласот за конкретниот кандидат ќе ги изгубат своите работни места. Овие притисоци и заплашувања се вршеле во скопските села Петровец, Долно Коњаре,Огњанци и Ржаничино.

Проектот најостро го осудува директното инволвирање на полициските службеници во изборните активности преку притисоци, малтретирања и заплашувања на граѓаните на Општина Петровец. Воедно ги повикува сите граѓани кои биле заплашувани и малтретирани од страна на полициските сили да пријават на бесплатниот телефонски број 0800 11 333 , при што ќе им се обезбеди бесплатна правна помош.

Проектот за поддршка на човековите права се имплементира од страна на Коалицијата “ Сите за правично судење” Форумот за правата на Ромите -Арка од Куманово, Центарот за демократски развој од Тетово ,Избор од Струмица и Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп.

Имплементацијата на Проектот е поддржана од Фондација Институт отворено општество – Македонија и Фондот за жртви од тортура при Обединетите Нации.

Коалиција “Сите за правично судење” – 01.04.2009 година

Соопштение до јавноста

Проектот за поддршка на човековите права ги осудува насилствата од страна на полицијата врз Ромите во Битолската населба Баир

Проектот за поддршка на човековите права ги осудува насилствата врз Битолските Роми од страна на полицијата во кои имало повредени и жени и деца.

Од битолската полиција во медиумите беше соопштено дека нападот бил од страна на толпа Роми врз полициските службеници кои се обидувале да лишат од слобода наркодилер во населбата Баир, но очигледно е дека во овој настан е преземена прекумерна употреба на сила посебно врз жените и децата , кај кои полицијата можела да го совлада отпорот и на пасивен начин.

Проектот најостро го осудува начинот на нанесувањето на повреди преку користењето на оружје , при што една од жените била удрена со пиштолот во глава и турната на земја. Проектот активно работи на случајот со регистрација на жртвите од полициско насилство врз Ромите од населбата Баир во Битола. Воедно ги повикува и останатите учесници од овој настан да го пријават полициското насилство на телефонот на Центарот за граѓанска иницијатива 048/400-480 или на бесплатниот телефонски број 0800 11 333, каде ќе им биде обезбедена бесплатна правна помош како и финансиска помош за медицинската документација.

Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп го покрива регионот на југозападна Македонија во делот на обезбедување на бесплатна правна помош ,а покрај него во проектот учествуваат Здруженијата на граѓани Арка од Куманово, Коалиција “Сите за правично судење” од Скопје, Центар за демократски развој од Тетово и Избор од Струмица.

Имплементацијата на Проектот е поддржана од Фондација Институт отворено општество – Македонија и Фондот за жртви од торртура при Обединетите Нации.

Коалиција “Сите за правично судење” – 27.02.2009 година

2008

Соопштение до медиумите

Здруженијата на граѓани Коалиција “Сите за правично судење” од Скопје, Форум за правата на Ромите Арка од Куманово, Центар за демократски развој од Тетово, Центар за граѓанска инцијатива од Прилеп и Избор од Струмица кои заеднички го имплементираат Проектот за поддршка на човековите права на жртви од полициска злоупотреба, најостро ги осудуваат последните два случаи на полициска тортура и напад на граѓани во главниот град на Република Македонија, кои беа презентирани на вестите на повеќе национални медиумски куќи.

Проектот најостро ги осудува постапките на специјалната единица Алфи кои учествувале во претепувањето на Селим Јусуфи од Љуботен и кои употребиле сила и користеле огнено оружје врз жртвата, како и претепување од страна на тројца собраќајни полицајци на паркингот на трговскиот центар Карпош 3 (познат и како Лептокарија), врз момче кое лежело на земјата и било тепано со тупаници и клоци.

Здруженијата во Проектот потенцираат на важноста на Законот за Полиција кој укажува дека основна задача на полицијата е заштита на човековите права и слободи а не нивно кршење и повреда.

Изјавите и снимките очигледно покажуваат прекумерна употреба на сила и тортура врз двата случаи кои се забранети со меѓународните документи кои ги има прифатено и Република Македонија.

Проектот бара МВР да ги преземе сите потребни мерки за казнување на инволвираните полициски службеници, а воедно ги повикува граѓаните кои се жртви во овие два случаи да се јават на бесплатниот телефонски број 0800 11 333 и да добијат бесплатна правна помош и финасиска помош за медицинската документација.

Овој проект е поддржан од Фондација Институт отворено општество – Македонија и Фондот за жртви од тортура при ООН.

Коалиција “Сите за правично судење” – 07.10.2008 година

Соопштение до јавноста и медиумите

Коалицијата „Сите за правично судење“ од Скопје поддржана од Наблудувачката мисија на ОБСЕ, Фондацијата Институт отворено општество Македонија, Фондот за жртви од тортура при ОН, како и Шведскиот Хелсиншки комитет за човекови права, го осудува спектакуларното приведување на градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев како и на неговите соработници.

Како и со претходните приведувања и спектакуларни апсења на политичари и бизнисмени, и овој пат беше повредено основното право на пресумпција на невиност кое го предвидува Уставот и законите на РМ. Коалицијата најостро го осудува вчерашното медиумско присуство на доведување на г-дин Заев во истражниот затвор Шуто Оризари во Скопје, како и поставувањето на настан на денот на некои телевизиски медиуми.

Уставот и законите го предвидуваат Правото на пресумпција на невиност како основно право со кое се заштитува достоинството и угледот на секој граѓанин. Со вчерашното јавно жигосување пред очите на целокупната јавност, медиумите го прекршија ова право кое е основа на слободите и правата на граѓаните и кое вели дека секој е невин се до моментот на донесувањето на правосилна судска пресуда.

Иако медиумите имаат право на слобода на информирање, сепак основните човекови права треба да бидат рамка во работењето и не треба спектакуларизмот да се применува заради медиумска популарност или рејтинг помеѓу гледачите. Оваа тенденција продолжува и Коалицијата се запрашува дали со самото сомневање за сторено кривично дело секое лице ќе биде жигосано во интерес на МВР, се со цел да се покаже нивната ефикасност во борбата со организираниот криминал.

Коалицијата воедно ги повикува Здружението на новинари како и АПЕММ соодветно да реагираат во насока на заштита на правото на пресумпција на невиност а воедно и бара од работната група при Министерството за правда која го изготвува новиот Закон за кривична постапка да вметне казнени одредби за оние лица или институции кои ќе го прекршат ова право. Се до тој момент, сите ние како граѓани сме должни да ги почитуваме основните човекови слободи и права кои се загарантирани со Уставот, Законите и меѓународните договори ратификувани од Република Македонија.

Коалиција “Сите за правично судење” – 29.07.2008 година

Соопштение до медиумите

По повод Меѓународниот ден за поддршка на жртви од тортура – 26 Јуни, здруженијата на граѓани Коалиција Сите за правично судење, Форум за прaвата на Ромите Арка, Центар за граѓански иницијативи, Центар за демократски развој и Избор, кои заеднички го имплементираат Проектот за поддршка на човековите права, ќе одржат ПРЕС Конференција. Прес Конференцијата ќе се одржи на 26.06.2008 година (четврток) со почеток во 11:00 часот, во просториите на НВО Инфо Центар. Проектот за поддршка на човековите права е финансиски поддржан од Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија и Фондот за заштита на жртви од тортура при ООН.

Проектот се имплементира од 2004 година и обезбедува бесплатна правна помош на жртви од полициска злоупотреба во кои влегува и прекумерната употреба на сила и елементи на тортура.

На прес конференицијата имплементаторите на проектот ќе ги презентираат досегашните податоци за евидентирани случаи во Република Македонија со елементи на тортура при полициско постапување, како и прекумерна употреба на сила и пречекорувања на полициските овластувања.

Коалиција “Сите за правично судење” – 26.06.2008 година

Соопштение до медиумите

Почитувани, Ве известуваме дека на ден 17.01.2008 година (четврток) ќе се одржи прес конференција на Проектот за поддршка на човековите права кој е имплементиран од Здруженијата на граѓани “Форум за правата на Ромите Арка“ – Куманово, “Центар за демократски развој” – Тетово, “Центар за граѓанска иницијатива” – Прилеп, “Избор” -Струмица и “Коалицијата Сите за правично судење” од Скопје. Проектот за поддршка на човековите права е поддржан од ОБСЕ и Фондацијата Институт Отворено општество–ФИООМ.

Прес конференцијата ќе се одржи во хотел Холидеј Ин со почеток во 12.00 часот. Свое обраќање ќе имаат г-дин. Владимир Милчин – извршен директор на ФИООМ и г-дин. Доналд Биссон – Шеф на одделот за владеење на правото при Наблудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје. На прес конференцијата ќе се промовира финалната правна анализа за 2007 година која ги опфаќа регистрираните случаи на полициска злупотреба. Имено, во 2007 година евидентирани се 51 случај на полициска злоупотреба. Бројот е поголем на оние жртви кои бараат помош од здруженијата но имаат страв официјално да ги пријават. Најзначајни во 2007 година се спектакуларните апсења и почитувањето на пресумпцијата на невиност, како и поголем број на повреди направени од страна на специјалните единици АЛФИ. Дури 90% од пријавените жртви од страна на АЛФИТЕ се здобиле со телесни повреди. Во самиот извештај се опфатени и ранливите категории како што се малолетници и Ромската популација, а од страна на здруженијата на граѓани кои се вклучени во овој проект, за 2007 година се поднесени 49 претставки до секторот за внатрешна контрола при МВР. Воедно на прес конференцијата ќе се дадат и заклучоци и препораки како да се надмине појавата на полициска злоупотреба.

Со почит, Аница Томшиќ Стојковска – Проектен координатор Коалиција “Сите за правично судење” – 10.01.2008 година

2007

МВР треба да апси а не да ги жигосува граѓаните

Медиумските апсења и приведувања со лисици пред објективот на камерите се методите што се користат во полициските држави а не во демократските општества, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“. – Недозволиво е високи функционери од МВР да тврдат дека имаат несоборливи докази за вината на осомничените. Според сите закони, проценката на доказите ја прави судот а не Министерството за внатрешни работи – вели Петар Јордановски, проект-координатор во Коалицијата. Според Јордановски, проблем е тоа што не се почитува принципот на пресумпција на невиност, кој е загарантиран со Уставот на Македонија. – Кога некој е приведен со лисици и тоа се прикажува на телевизија, луѓето по автоматизам мислат дека човекот е виновен. А ако испадне обратно, таа перцепција нема да се смени, туку ќе остане. Не само што државата нема самоконтрола кога апси, туку и медиумите се во трка по сензација и не се грижат за човековите права – вели Мирјана Најчевска, експерт за човекови права и политиколог.

Според неа, граѓаните за кои ќе се докаже дека се невини треба да ја тужат државата. Само така, МВР и министерката ќе се научат да не ги жигосуваат луѓето предвреме, додава Најчевска. – Луѓето не се решаваат да ја тужат државата. Кај нас се избира да се молчи – тврди Најчевска. Минатата недела пред објективот на камерите беа приведени директорот на фабриката ОХИС, Јорго Ќука, и осумте членови на управниот одбор. Од Владата тогаш рекоа дека медиумските апсења се практика во Европа и во Америка, па затоа не гледаат проблем тоа да се прави и кај нас. За Најчевска ова е „празна споредба“. Странските телевизиите Си-ен-ен и Би-би-си во моментот се соочуваат со тужби од повеќе невладини организации токму поради спектакуларни апсења. – Кога Владата прави споредби, нека ги земе предвид и лошите страни, не само добрите – коментира Најчевска.

Благица Иванова Дневен весник Шпиц – 07.09.2007 година

Полицијата ги пречекорила овластувањата со Бучковски

Врз основа на 200 случаи на граѓани кои се здобиле со телесни повреди при контакт со полицаец во последниве две години, Коалицијата Сите за правично судење – Скопје, АРКА – Куманово, ЦГИ – Прилеп, ЦДР -Тетово и ИЗБОР – Струмица, побара поголема издржаност на одговорите од страна на секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС) при МВР, кој ги спроведува истрагите во случаите на полициска злоупотреба.

„Искуството покажува дека во дел од случаите се јавуваат сериозни недостатоци и се заштитуваат службените лица од евентуално санкционирање“, рече Петар Јорданоски, координатор на Проектот за поддршка за човекови права што постои три години.

Организацијата по барање на пратеникот Владо Бучовски испратила претставка до секторот за внатрешна контрола во чиј одговор, како што објасни Јордановски, има сомнеж дека можеби во случајот има пречекорување на овластувањата на полицијата и повреда на правата.

Дневен весник Утрински – 23.08.2007 година

Видат ли полицаец, граѓаните сами си се тепаат!

Лицето што полицијата го носела во полициска станица почнало само да си ја удира главата од вратата на комбито и легнало на земја, па се вртело додека не си го изгребало лицето. Утврдено е дека самиот намерно си нанел телесни повреди а не го повредил полицаецот. Ова е официјална „вистина“ за еден немил настан, што ја содржи записникот за истрагата што ја спровел секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВК при МВР по претставка на граѓанин). Тоа е еден случај со кој Проектот за поддршка на човековите права вчера ја бранеше констатацијата дека полицијата применува повеќе сила отколку што треба, а потоа при МВР вели дека граѓаните сами се тепаат.

Петар Јордановски, координатор на проектот, цитираше уште еден записник од истрага на СВК, каде што 50-годишен човек успеал да натепа дури двајца од припадниците на „Алфите“, па затоа дошле уште тројца од припадниците на оваа елитна единица да го скротат и му нанеле телесни повреди. И тука, според секторот за внатрешна контрола, немало место за дисциплинска мерка на службените лица на МВР.

– Имаме случај кога еден граѓанин бил застанат на полициски пункт и откако одбил да им даде мито на полицајците, за кое не тврдиме дека го побарале, еден од полицајците пукал со службениот пиштол во воздух. СВК утврди дека полицаецот ништо не згрешил и покрај тоа што имало решение на истражен судија дека е пукано од службениот пиштол – изјави Јордановски.

Поради овие и уште стотина слични случаи, граѓаните се во подредена положба на полицијата – сметаат партнерите на проектот. Според нив, секторот за внатрешна контрола не дејствува независно туку по директивите на МВР. Спротивно на ова, другата страна односно МВР, тврди дека граѓаните се тие што се почесто ги тепаат полицајците. МВР од почетокот на годината поднела 30 кривични пријави за напад врз службено лице и 24 пријави за спречување за извршување на должност.

Благица ИВАНОВА Дневен весник Шпиц – 23.08.2007 година

Извештаите на внатрешната контрола на МВР се нелогични

Од нелогични и неразумни до комични такви се извештаите на внатрешната контрола на МВР кога сакаат да ја затскријат вистината за пречекорување на полициските овластувања од нивни колеги. Ова е констатација на пет невладини организации кои ја следат работата на овој сектор. Сам паднал и се здобил со тешки повреди. „Алфи“ чувале 50-годишник, но тој паднал на тротоар, се дел од примерите кои ги посочува невладиниот сектор. Нелогичностите се видливи во површноста на спроведените истраги.

„Додека граѓанинот лежел на земја врзан со лисици, истиот продолжил да клоца со нозете кон овластените службени лица и да се тркала по тротоарот, пријавувајќи посебна упорност и агресивност и нанесувајќи си тешки телесни повреди“, рече Петар Јордановски, Коалиција „Сите за правично судење“.

Натаму во истиот случај се вели: „При превезување со службеното возило до полициска станица истиот продолжил да се однесува дрско и агресивно, удирајќи ја својата глава во внатрешниот дел од возилото“, додаде Јордановски.

Неопходно е да се отстранат нелогичностите и пристрасноста кон колегите полицајци, посочува невладиниот сектор. Во истрагите на внатрешната контрола да се вметне и цивилниот механизам за да нема затскривање на вистината.

Сепак, од МВР ваквите обвинувања ги отфрлаат. Сметаат дека се неосновани а дека полицајците за прекумерна сила се казнуваат.

Миле Риствески Извор: А1 – 22.08.2007 година

Во изминатите шест месеци поради не професионализам биле суспендирани 72-ца полицајци

МВР нема логичен одговор за случаите во кои граѓани поднеле претставка за пречекорување на овластувањата на полицијата. Ваквото тврдење невладината „Сите за правично судење“ го поткрепува со полициските извештаи во кои, според оваа организација, се искривува сликата за настаните и се штитат полицајците вмешани во инцидентите. Организацијата извршила мониторинг на повеќе од 200 случаи кои ги истражувал секторот за внатрешна контрола на МВР.

Јордановски забележува за нелогичности и во одговорот на МВР зошто пратеникот Владо Бучковски бил задржан на влегување во земјава на граничниот премин Богородица. МВР негира дека има слабости во интерните истраги за постапувањето на полицајците. Се повикуваат на извештајот за работата на министерството во изминатите шест месеци според кој поради непрофесионализам биле санкционирани 72-ца полицајци. Тоа за „Сите за правично судење“ не е доволно. Организацијата бара воспоставување надворешен цивилен механизам кој би ја надгледувал работата на секторот за внатрешна контрола на МВР.

Даниел Георгиевски Извор: Канал 5 – 22.08.2007 година

Биле регистрирани 57 жртви на полициско насилство

Вкупно 57 жртви на полициска злоупотреба се евидентирани од октомври 2006 до ноември 2007 година од страна на пет невладини организации во земјава. Најголемиот број од жртвите на полициска злоупотреба се на возраст од 18 до 30 години, но има и малолетни лица. Повеќето се жалат на бруталноста на „алфите“ кои во дури 90 отсто од случаите им нанеле телесни повреди. Ова се резултатите од анализата на Проектот за поддршка на човековите права, која вчера беше презентирана во Скопје. Таа се базира на пријави на граѓани кои од невладините организации побарале бесплатно правно советување како жртви на полициска злоупотреба.

Во повеќе од половина од случаите или 53 отсто, граѓаните се жалат дека полицајците им нанеле телесни повреди и ги малтретирање, а во 26 отсто–полициските службеници се однесувале грубо и недолично. Забeлешките за злоупотреби најмногу се однесуваат на спектакуларните апсења и непочитувањето на пресумпцијата на невиност. „Загрижувачка е тенденцијата на спектакуларни апсења, на случаи на доведување приведени пред истражен судија на главниот влез во судот на очиглед на јавноста и на новинарите, како и давањето изјави од страна на високи функционери на МВР дека полицијата располага со несоборливи докази“, велат правните аналитичари .

Во анализата се посочува дека голем број од жртвите се обраќаат за правна помош во врска со неправилното однесување на полицијата но се плашат да иницираат постапка против полицајците. Уште позагрижувачки е и фактот што полицијата често на поднесената пријава од жртвите одговара со контра кривична пријава за напад на службено лице. Шефот на одделот за владеење на правото при Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, Доналд Бисон, кој му даде целосна поддршка на проектот, укажа дека полицијата треба да ги почитува човековите права и да се однесува согласно правилата и законот.

Проектот е финансиски поддржан од набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Скопје и од Институтот Отворено општество Македонија-ФИООМ. (Д.Т.)

Дневен весник Утрински – 17.01.2007 година

ППЧП: „Алфите“ се однесувале сурово и недолично

Педесет и седум жртви на полициска злоупотреба од октомври 2006 година до ноември минатата година се евидентирани со Проектот за поддршка на човековите права (ППЧП). Од жртвите 37 се Македонци, 11 Албанци, 7 Роми и 2 Босанци. Дури 98 отсто од жртвите се на возраст од 18 до 55 години, а само 2 проценти се малолетни.

Според извештајот на ППЧП, во 53 отсто од случаите граѓаните се жалеле на телесни повреди и на малтретирање а 26 отсто од нив реагирале на грубо и недолично однесување на полициските службеници. „Забележителна е тежината на повредите и високиот степен на суровост во случаите во кои се инволвирани полициските единици „алфи“ и единиците за брзо распоредување. Во 90 отсто од случаите тие се однесувале грубо и недолично а во 10 отсто случаи им нанеле телесни повреди на граѓаните“, се наведува во извештајот.

Михаил Готовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ посочи дека тенденцијата на спектакуларни апсења и изјавите на високи функционери на МВР дека „полицијата располага со несоборливи докази“, го прекршуваат принципот на пресумпција на невиност. – Јавното декларирање на нечија вина од висок претставник на извршната власт има последица граѓанинот однапред да се смета за виновен во очите на јавноста, а со тоа истовремено се влијае и врз судските авторитети – истакна Готовски.

Владимир Милчин од фондацијата „Институт отворено општество“ образложи дека граѓаните, иако се обраќаат до невладините организации, се плашат да иницираат постапка против полицијата. – Ако граѓанинот одлучи да поднесе пријава против полициски службеник, полицијата веднаш ќе одговори спротивно на тоа и ќе поднесе пријава за напад на службено лице – рече Милчин.

Проектот за поддршка на човековите права почна во декември 2003 година и во него се вклучени пет невладини организации. Проектот им нуди бесплатна правна помош на жртвите на полициска злоупотреба.

Јавниот обвинител да не се потпира на МВР

ППЧП му порача на секторот за внатрешна контрола при МВР да биде поаналитичен и транспарентен, односно да изведува ефективна истрага за да ја утврди фактичката состојба. Според ППЧП, јавниот обвинител и истражниот судија треба да ги користат сите правни средства што им стојат на располагање во случаите на полициска злоупотреба, а не да бараат дополнителни информации од МВР.

Учесниците во проектот им порачуваат на претставниците на канцеларијата, народниот правобранител да бидат поагресивни и да ги користат медиумите како средство за притисок и објавување на случаите каде што е утврдена повреда на законот

Дневен весник Шпиц – 17.01.2007 година

Педесетина граѓани жртви на полициски злоупотреби

Во Македонија лани 57 граѓани биле жртви на полициска злоупотреба а бројот на лицата што побарале помош од граѓанските здруженија е поголем но истите имале страв официјално да ги пријават случаите. Ова се податоците од годишниот извештај за 2007 година на Проектот за поддршка на човековите права. Во проектот учествуваат пет граѓански здруженија кои во врска со случаите на полициска злоупотреба поднеле 49 претставки до секторот за внатрешна контрола при МВР.

Бројот на регистрирани жртви на полициска злоупотреба е намален за 25 отсто во споредба со 2006 година а најчести жртви се мажи. Според националната припадност, 64 отсто од малтретираните граѓани се Македонци, па Албанци и Роми.

Поголеми злоупотреби биле спектакуларните апсења и непочитувањето на пресумпцијата на невиност. Во 30 случаи на пречекорување на овластувањата и малтретирања учествувале униформирани полицајци, а девет случаи се однесуваат на нанесување повреди од страна на „алфите“.

Во проектот учествуваат Форумот за правата на Ромите „Арка“ од Куманово, Центарот за демократски развој од Тетово, Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, „Избор“ од Струмица и Коалицијата „Сите за правично судење“ од Скопје. Проектот е изведен со финансиска поддршка на ОБСЕ и фондацијата

Институт „Отворено општество“ – ФИООМ. Дневен весник Дневник – 17.01.2007 година

2006

Резултатите на Коалицијата “Сите за правично судење” од девет месечното набљудување на предмети во врска со трговијата со луѓе пред основните судови во Македонија

На 9 декември 2005 година, во хотел “ARKA” со почеток во 13:00 часот, Коалицијата “Сите за правично судење“ ќе одржи прес конференција заради промовирање на извештајот “Сузбивањето на трговијата со луѓе низ практиката на домашните судови“. Покрај претставниците на Коалицијата, амбасадорот Natalya Drozd , заменик шеф на ОБСЕ мисијата во Скопје, ќе учестува на конференцијата. Со цел да ја поддржи Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција на Владата на Република Македонија, Коалицијата во ноември 200 4 год. започна со реализација на Проектот “Набљудување на судските процеси во врска со трговијата со луѓе”.

Обучени набљудувачи, правници и адвокати, во периодот од јануари до септември 2005 год., набљудуваа вкупно 32 предмети (за кривичните дела: “Трговија со луѓе”, “Посредување во вршење проституција” и “Криумчарење мигранти”) на 102 рочишта против 83 обвинети лица во основните судови во Македонија. Преку набљудувачкиот процес се обезбедија објективни и квалитетни податоци за специфични теми од интерес во рамките на трговијата со луѓе како што се: позицијата на жртвата во кривичната постапка, обезбедување на нејзина компензација, заштита на сведоците, должина на постапката и казнената политика на судовите.

Извештајот на Коалицијата ги идентификува проблемите со кои се соочува судскиот систем во односната материја и обезбедува препораки за поефикасно сузбивање на трговијата со луѓе, како и за обезбедување на адекватна заштитата на жртвите. Истиот, од страна на Проф. Бачановиќ, член на имплементационата група за изработка на стратегијата и акциониот план за борба против трговијата со луѓе, на тркалезната маса одржана на 11.11.2005 год., беше оквалификуван како “ мошне сериозен напор да се направи слика на она што се случува во нашата судска практика во однос на трговија со луѓе, како и соодветен инструмент за науката, законодавството и судството, за лоцирање на проблемите со кои Република Македонија се соочува во процесот на сузбивање и санкционирање на трговијата со луѓе. ”

Извештајот кој што е публикуван на три јазика (македонски, албански и англиски) ќе биде доставен до домашни владини и невладини ентитети како и до меѓународни организации активни во полето на трговијата со луѓе.

За дополнителни информации контактирајте ја г-ѓица Виолета Велкоска, Проект координатор на Коалицијата Тел. +389 2 3215 263, e-mail: contact@all4fairtrials.org.mk ; violeta@all4fairtrials.org.mk

Промоција на завршниот извештај на Коалицијата “Сите за правично судење“ за степенот на почитување на меѓународните стандарди за правично судење во сите основни судови во Република Македонија и функционирањето на судството

На 03.11.2004 година, во хотел “Best Western” со почеток во 12:00 часот, Коалицијата “Сите за правично судење“ одржа прес конференција заради промовирање на “Завршниот извештај“, изготвен врз основа на спроведени набљудувања на граѓански и кривични рочишта во периодот Јули 2003 – Јули 2004 год.

Покрај правниот аналитичар на Коалицијата г-ѓица Јасна Цветковска и националните експерти инволвирани во проектот проф.др.Арсен Јаневски и проф.др.Љупчо Арнаудовски, на конференцијата учествува и амбасадорот Carlos Pais, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Со цел да се зголеми довербата на јавноста во правниот систем и судството, да се идентификуваат проблемите во судскиот систем и да се укаже на потребата за правни и институционални реформи, како и да се зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови, Коалицијата “Сите за правично судење“ работеше на реализација на проектот “Набљудување на имплементација на меѓународните стандарди за правично судење во домашните судови и проценка за функционирање на судството во Република Македонија“.

Осумдесет обучени набљудувачи на Коалицијата од Јули 2003 до Јули 2004 година набљудуваа 643 предмети на 1010 рочишта во кривична постапка и 720 предмети на 907 рочишта во граѓанска постапка во сите основни судови во Македонија.

Завршниот извештај на Коалицијата “Сите за правично судење“ кој представува резултат на анализите изработени од страна на национални и локалните правни експерти, правниот аналитичар на коалицијата, како и на извештаите на локалните координатори и набљудувачите, дава конкретни заклучоци за нивото на почитувањето на меѓународните стандарди за правично судење во судовите во Република Македонија, за проблемите со кои се соочуваа судството, како и препораките за надминување на истите.

Она што може да се истакне а произлегува од истражувањето е дека особено се потребни реформи во поглед на стандардот судење во разумен рок.Утврдено е дека, во граѓанската постапка рочиштата се одлагаат многу често и тоа за подолг временски период, постои проблем на неуредна достава, периодот од поднесувањето на тужбата во судот до нејзиното доставување на тужениот често е предолг, додека во кривичната, вештачењата траат долго, како и поминува подолг период од поднесувањето на обвинението до првото рочиште од главниот претрес. Затоа и дадените препораки се во насока на одредени измени на законските текстови кои ќе придонесат за забрзување на постапката и доследна примена на овој меѓународен стандард.

За дополнителни информации Ве молам контактирајте ја г-ѓица Јасна Цветковска, Потпарол на Коалицијата Тел. +389 2 3215 263 contact@all4fairtrials.org.mk

Промоција на првичните резултати за степенот на почитување на меѓународните стандарди за правично судење во сите основни судови во Македонија на Коалицијата “Сите за правично судење“

На 10 мај 2004 година, во хотел “Јадран“ со почеток во 12:00 часот, Коалицијата “Сите за правично судење“ќе одржи прес конференција заради промовирање на “Периодичен извештај“, изготвен врз основа на спроведени набљудувања на граѓански и кривични рочишта во периодот од Јули 2003 до Јануари 2004 год.

Покрај националните правни експерти инволвирани во проектот, амбасадорот Carlos Pais шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе учествува на конференцијата.

Со цел да се зголеми довербата на јавноста во правниот систем и судството, да се идентификуваат проблемите во судскиот систем и да се укаже на потребата за правни и институционални реформи, како и да се зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови, Коалицијата “Сите за правично судење“ работи на реализација на проектот “Набљудување на имплементација на меѓународните стандарди за правично судење во домашните судови и проценка за функционирање на судството во Република Македонија“.

Осумдесет обучени набљудувачи на Коалицијата до крајот на Јануари 2004 година набљудуваа 480 граѓански и 509 кривични рочишта во сите основни судови во Македонија.

Периодичниот извештај на Коалицијата “Сите за правично судење“ представува резултат на анализи изработени од страна на национални правни експерти врз основа на добиените податоци во прашалниците за набљудување на кривичните и граѓански предмети, односно врз основа на податоците добиени од дата базата, како и на извештаите направени од страна на локалните правни експерти, извештаи на локалните координатори и разговори извршени со набљудувачите.

Периодичниот извештај дава првични заклучоци за нивото на почитувањето на меѓународните стандарди за правично судење во судовите во Македонија, за проблемите со кои се соочува судството, како и препораки како истите да се надминат.

За дополнителни информации Ве молам контактирајте ја г-ѓица Виолета Велкоска, Проект менаџер на Коалицијата Тел. +389 2 3215 263 contact@all4fairtrials.org.mk

Top