ИСТРАЖУВАЊА

Коалиција Сите за правично судење е специјализирана организација која спроведува истражувања кои се однесуваат на степенот на примена на стандардите за фер и правично судење, како и други правни прашања од областа на правосудството.

 

Какви истражувања прави Коалицијата?

Коалицијата првенствено врши истражување преку теренско набљудување на работата на судовите, како и евалуација на работата на судовите и други државни органи и институции преку други форми на истражувања, како што се анализа на законската рамка, проценка на ризиците од појава на корупција, анализа на јавно достапни податоци за работата на државните органи и институции и слично.

Дали податоците од истражувањата се јавни?

Анализите кои се изготвени врз основа на прибраните податоци се јавни и јавно објавени со цел да може сите заинтересирани лица да се служат со овие анализи и податоците содржани во истите, како и соодветно да можат да ги референцираат во сопствените истражувања. Сепак, Коалицијата прави и специјализирани истражувања за конкретна потреба на определен субјект, во кој случај ваквите истражувања и анализи може да не бидат јавно објавени.

Во каков формат се пласираат анализираните податоци?

Анализите се главниот документ во кој се опфатени сите аспекти на истражувањето и се генерално обемни документи. Поради тоа, за полесен пристап до податоците од истражувањата Коалицијата изготвува и кратки документи за јавни политики, јавни реакции, флаери, брошури и постери, како и друг вид на визуелен приказ на статистички податоци.

Дали можам да побарам од Коалицијата да направи определено истражување?

Ваквите истражувања Коалицијата ги прави по претходен договор со субјектот на кому му е потребно ваквото истражување, со цел да се проценат капацитетите на организацијата за спроведување на истражувањето, како и можноста на нарачателот да ги подмири трошоците за спроведување на истражувањето. Сепак и во овие случаи Коалицијата може да одбие да склучи договор доколку истото се коси со целите, мисијата и визијата на организацијата, или со етичките и законските норми во државата.