Составот на судот е conditio sine qua non за обезбедување на правично судење!
19/10/2020Признанието на вина мора да биде израз на слободната волјата на обвинетиот!
25/11/2020Бараме Државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со COVID-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување.
Предлагаме Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање.
Очекуваме Фондот за здравствено осигурување да склучи договори со сите лаборатории за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со COVID-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази.[1]
Во исчекување државата и Фондот да обезбедат лабораториските здравствени услуги поврзани со дијагностика и следење на пациентите со COVID-19 да бидат финансиски покриени од страна на државата.
Поради следните причини:
Вртоглавото зголемување на новозаболени од COVID-19, заедно со недоволниот број оздравени за да се ослободат кревети за новите пациенти кои треба да бидат хоспитализирани,[2] неизбежно го наметнува прашањето за универзалното право на пристап до здравствена заштита. Притоа, во услови кога 85.000 македонски граѓани живеат со 40 денари дневно и речиси секој четврти преживува со не повеќе од 126 денари на ден,[3] приватните здравствени услуги од илјадници евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право.
Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита.[4] Ова подразбира навремен и соодветен пристап на македонските граѓани до здравствена заштита со прифатлива цена и квалитет. Пристапот до соодветна здравствена заштита не може да зависи од социјалниот статус, односно имотната положба на граѓаните, што е јасно е утврдено со одлуки на Уставниот суд.[5] Впрочем, ниту самата триажа никогаш не ги поставува овие околности како критериум за утврдување на приоритетот во однос на пристапот до здравствената заштита.
Согласно Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, државата е носител на обврската за заштита на правото на здравје. Дел од оваа обврска на државата е и обврската да обезбеди дека вршењето на здравствените услуги од приватни субјекти „нема да биде закана за достапноста, пристапноста, прифатливоста и квалитетот на здравствените установи, услуги и сервиси.“. Комитетот за економски, социјални и културни права е дециден дека:
„здравствените установи, добра и услуги мора да можат сите да си ги допуштат. Исплатата за здравствените услуги, како и за услугите поврзани со основните одредници на здравјето, мора да се заснова на принципот на правичност, притоа обезбедувајќи дека таквите услуги, независно дали се јавни или приватни, можат да си ги допуштат сите, вклучително и социјално обесправените групи. За таквата правичност неопходно е посиромашните домаќинства да не бидат диспропорционално оптоварени со здравствени трошоци во споредба со побогатите домаќинства.“[6]
Здравствената заштита е дејност од јавен интерес,[7] независно дали се врши во јавни или приватни здравствени установи. Владата и Министерството за здравство се должни да обезбедат остварување на јавниот интерес и во кризна состојба во каква што во моментот се наоѓаме.
Пандемијата предизвика јавните здравствените установи да се преполнети со пациенти и да не можат да укажат здравствена нега на сите граѓаните заболени од COVID-19 на кои им е потребно болничко лекување, а лекувањето во приватните болници со превисоко поставените цени од нивна страна претставува привилегија за малкумина. Државата освен што треба да склучи договор со приватните болници преку ФЗО, потребно е да постави лимит за максимален износ на едно приватно лекување од COVID-19.[8] Регулирањето на цените и одредувањето критериуми за доделување на болнички легла е апсолутно неопходно за да не се доведеме во ситуација да има место во приватните здравствени установи, а да не постои можност за лекување преку Фондот со што овие места би останале недостапни за огромно мнозинство од македонските граѓани. Во спротивно, приватниот интерес ќе надвладее над јавниот интерес.
Можноста да лекуваат пациенти позитивни на COVID-19 на приватните болници во мрежата на здравстени установи и да склучат договор со ФЗО се предвиде со Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба донесена од Владата која е сега надвор од правниот промет,[9] меѓутоа ниту еден таков договор не беше склучен.
Сепак, со неодамнешните измени и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести,[10] приватните болници го задржаа правото да лекуваат болни од COVID-19, но без оставање можност за давање на овие услуги во мрежата на здравствени установи и склучување договор со ФЗО. Така, овој закон освен лекување во јавните здравствени установи, предвидува по медицински индикации, болните да можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. За да лекуваат пациенти од COVID-19, приватните здравствени установи треба да имаат согласност од Министерството за здравство, односно дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Во случај на исполнување на капацитетите за лекување на болни од COVID-19 во јавните здравствени установи, по претходно дадена согласност од Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Тоа што овој закон го оставил како празнина е нерегулирањето на финансиските импликации на здравствените услуги од страна на приватните здравствени установи. Сепак, дури и во таква ситуација, членот 60 од овој Закон предвидува дека за спроведување на посебните мерки, средства се обезбедуваат од:
- Фондот за здравствено осигурување за лицата кои се задолжително здравствено осигурани;
- Буџетот на Републиката за спроведување на превентивните програми и за лицата кои не се опфатени со задолжително здравствено осигурување и
- Работодавците за задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените.
Проценката на овие импликации е обврска на државата, заедно со обезбедувањето на економска достапност на услугите за сите, вклучително и оние услуги кои се даваат врз основа на оваа Уредба. Секое постапување спротивно на ова значи прекршување на обврските на државава во врска со правото на здравје на нејзините граѓанки и граѓани. Поради ситуацијата во која се наоѓа државата како резултат на пандемијата, Владата и Министерството за здравство имаат законска обврска да преземат мерки со кои од една страна ќе обезбедат еднаков пристап до здравствена заштита, а од друга ќе ги искористат капацитетите на јавното и приватното здравство.
Поради сето ова, ја повикуваме Владата на Република Северна Македонија во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници во услови на криза на начин што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од COVID-19 само на оние приватни болници кои склучиле договор со ФЗО, како и да преземе иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи и да стави крај на профитерството во време на животно-загрозувачка криза.[11] Да не дозволиме систематско кршење на правото на пристап до здравствена заштита со што шансите за преживување ќе зависат од тоа кој има повеќе пријатели и пари за да може да го спаси својот и животот на најблиските.
Наведеното барање го поддржуваат:
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Фондација Отворено општество – Македонија
- Македонско здружение на млади правници
- Институт за човекови права
- Коалиција „Сите за правично судење“
- Центар за правни истражувања и анализи
- Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ
- ХОПС – Опции за здрав живот
- Коалиција МАРГИНИ
- Станица П.Е.Т.
- Институт за европска политика
- Транспаренси Интернешнл – Македонија
- Здружение ФОРУМ – Центар за стратешки истражувања и документација
- Здружение за едукација и советување „Д-р Берат“ – Скопје
- Евротинк – Центар за европски стратегии
- Организација на жени од Струмица
- Здружение за развој и унапредување на ромската заедница – РОМАНО ЧАЧИПЕ
- Фондација за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа
- Здружение Центар за истражувачко новинарство СКУП-Македонија
- Фондација за развој на локалната заедница-Штип
- Асоцијација за демократски развој на Ромите „Сонце“ – Тетово
- Здружение Асоцијација за демократска иницијатива
- НВО „КХАМ“ Делчево
- Здружението на писатели „Тиквешки цветови“ – Кавадарци
- Здружение за едукативен развој „ЕКВАЛИС“ – Скопје
- Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој
- Здружение за дислексија „АЈНШТАЈН“
- Центар за истражување и креирање политики „ЦИКП“ – Скопје
- Книгоиздателство „Темплум“
- Портал „Окно“
- Здружение на граѓани за здравствена, социјална и образовна поддршка „Иницијатива за Развој и Инклузија на заедниците“ – Скопје
- Театар „РОМА“ – Скопје
- Здружение „Достоинствен Работник“ – Прилеп
- ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена
- Фондација Метаморфозис
- Национален ромски центар – Куманово
- Национален младински совет на Македонија
- Здружение за поддршка на маргинализирани работници „СТАР-СТАР“ – Скопје
- Здружение Ромски деловен информативен центар во Македонија
- Здружение Мултикултура – Тетово
- Здружение на земјоделски производители „Агропродукт“ – Штип
- Фондација ЦЕЕД – Македонија
- Геосфера – Битола
- Конект
[1] Вклучително, но не ограничено на: испитување на CRP, Д-димери и сите останати потребни тестови.
[2] Визуелизиран преглед на состојбата со COVID-19 во Македонија е достапен на: https://covid-19.treker.mk/mk/stats. Користените податоци се добиени од Министерството за здравство.
[3] Државен завод за статистика на Република Северна Македонија, Животен стандард, Лаекенски индикатори за сиромаштијата во 2019 година, објавено на 30 октомври, 2020 година.
[4] Член 39 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.
[5] Уставен суд на Република Северна Македонија одлука број 45/2006 од 11.07.2007.
[6] ООН, Комитет за економски, социјални и културни права, „Генерален коментар бр.14: Право на највисокиот достапен стандард на здравје (член 12 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права)“, E/C.12/2000/4: http://shorturl.at/morzP (нагласокот во текстот е наш).
[7] Член 12 став 1 од Законот за здравствената заштита. „Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19, 153/19, 180/19 и 275/19.
[8] По примерот на максимален износ за плаќање на партиципација во јавното здравство, кој износ не може да надмине 6.000 денари.
[9] Уредба со законска сила за примена на законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, Службен весник на Република Северна Македонија, број 76 од 24.3.2020 година.
[10] Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, Службен весник на Република Северна Македонија број 257/2020.
[11] Изложеното барање во ниту еден случај не оди во насока на забрана некои здравствени установи да лекуваат лица болни од COVID-19 затоа што немаат договор со Фондот, посебно доколку таков договор не се склучи поради одлагања и административни пропусти затоа што во овие моменти секој човек и секој кревет е важен.