БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ
Коалиција Сите за правично судење е овластено здружение за обезбедување на бесплатна правна помош, запишано во државниот Регистар на даватели на правна помош, при Министерството за правда.
Како да не контактирате?
Примарна правна помош
Дополнително, доколку по остварената комуникација со нас, Ви е потребна понатамошна помош, и сакате да остварите средба со нашиот правен советник, ќе можете тоа да го направите со:
- претходно закажување на состанок секој работен ден од 10 до 17 часот, во нашата Канцеларија за бесплатна правна помош и мониторинг, која се наоѓа на адреса ул. Македонија 11/2-10
- или со пополнување на онлајн Формулар за бесплатна правна помош.
Што претставува бесплатна правна помош и што добивате преку примарна правна помош?
Бесплатната правна помош е уредена со Закон за бесплатна правна помош и може да биде дадена како примарна правна помош и секундарна правна помош.
Примарна правна помош се дава од страна на овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника. Право на примарна правна помош имаат сите физички лица кои имаат живеалиште или престојувалиште на територија на Република Северна Македонија.
Секундарна правна помош е наменета за ранливи категоии на граѓани кои немаат можност да ги плаат трошоците на постапката поради нивна финансиска состојба. Секундарната правна помош ја дават адвокати во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања согласно одредбите од овој закон.
Со примарна правна помош добивате:
Правно информирање, односно запознавање со вашите права и обврски, правно советување, понатаму помош при состав на формулари во управна постапка, помош при составување на преставки до Народен правобранител и Комисија за заштита од дискриминација како и помош при состав на барања за заштита на слободи и права пред Уставен суд. Примарната правна помош опфаќа и правно советување за користење на правото на секундарна правна помош како и помош во составување на барањето за секундарна правна помош.
Коалицијата „Сите за правично судење“ обезбедува примарна правна помош за следниве области:
- Пензиско и инвалидско осигурување
- Заштита на семејството
- Право на сопственост
- Слобода на говор и информирање
- Заштита од дискриминација
- Заштита од мачење и малтретирање
- Заштита од неправично лишување од слобода
- Права од социјална заштита
- Права на лица со физички, ментални, интелектуални или сетилни нарушувања
- Еднаквост меѓу мажите и жените
- Работнички права
- Право на образование
- Права на припадници на заедниците
- Заштита од семејно насилство
- Заштита од криминал од омраза
- Право на правично судење во разумен рок
- Заштита на личните податоци и приватноста
- Слобода на здружување и протест
- Слобода на движење
- Право на здравствена заштита
- Прекршоци