СИТЕ ЗА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ

Коалиција на здруженија на граѓани Сите за правично судење е коалиција во која на доброволна основа членуваат здруженија на граѓани од Република Северна Македонија заради следење на судските процеси пред надлежните судови во Република Северна Македонија, со цел осигурување на загарантираните права за правично судење како е предвидено со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, зголемување на јавната свест и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите на системот, посочување на потребата и работа на можните реформи во судските постапки, зголемувањето на практичните знаења на студентите на право, зајакнување на улогата и капацитетот на невладините организации и друго. Коалицијата воедно се залага до еднаков пристап до правдата на сите граѓани на Република Северна Македонија преку давање на бесплатна правна помош.

МИСИЈА И ВИЗИЈА

Мисија

Следење на почитувањето на човековите права и слободи, особено на меѓународните стандарди за правично судење, преку разни форми на дејствување и настојување да се зголеми нивото на имплементирање, да се иницираат институционални и правни реформи, како и да се зголеми довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот.

Визија

Моќна и стабилна организација, двигател и партнер на институциите на  системот во настојувањето Република Северна Македонија да се издигне како земја во која целосно ќе се почитуваат човековите права и слободи, со посебен акцент на стандардите за правично судење, како елементарен услов за интегрирање во  Европската Унија.

ЦЕЛИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

  • да го зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови
  • да ја воспостави јавната доверба во правниот систем и судството воопшто
  • да ги идентификува наследените проблеми во судскиот систем и да укаже на потребата за правна и институционална реформа
  • да ја запознае јавноста со стандардите за правично судење и да ја засили довербата на граѓаните во функционирањето на судскиот систем
  • да ги намали можностите за несоодветен третман на страните во спорот од судиите и другите учесници во постапката

КОДЕКС НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Кодексот за граѓански организации има за цел да го зајакне системот на саморегулација и да придонесе до поголема професионалност и отчетност. Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме денес е градењето на доверба со граѓаните и пошироката јавност. Како граѓански организации кои делуваме на локално и национално ниво треба да обезбедиме поширока отчетност за својата работа и со тоа да го потврдиме својот јавен интерес во процесите на креирање на политиките кои се од интерес за граѓаните, а за кои добиваме ресурси. Овој Кодекс е доброволен, а секоја граѓанска организација која ќе му пристапи презема одговорност за почитување и практикување на заложбите, вредностите и стандардите утврдени во него.