[:mk]Начелото на пресумпција на невиност треба доследно да биде почитувано во судските постапки![:]

[:mk]Коалицијата „Сите за правично судење“ ја истакнува својата загриженост за постапувањето на судот во предметот К-388/20 што се води пред Основниот суд во Струмица за кривичното дело чл.130 ст.2 вв. ст.1 вв. чл.22 и чл.144 ст.2 вв. ст.1 вв.чл.22 од Кривичниот законик против 2 обвинети лица, а во насока на несоодветното применување на институтот признание на вина како и поради непочитувањето на начелото на пресумпција на невиност што е спротивно на Законот за кривична постапка. Имено, на ден 25.06.2020 година на одржаното рочиште по овој предмет, од страна на професионалниот набљудувач на Коалицијата евидентирано е прекршување на процесните правила во однос на судската постапка од страна на судот. Поточно, судијата кој што го води предметот, поставувајќи им прашања на обвинетите  за нивната претходна осудуваност, како и за тоа дали на тековното рочиште ќе признаат вина излегол надвор од рамките на своите овластувања и извршил суптилен притисок на истите во насока на користење на институтот признание на вина.  Конкретно, во  текот на главната расправа, откако еден од обвинетите признал вина, додека пак другиот обвинет се изјаснил дека не се чувствува виновен, спротивно на Законот за кривична постапка, судијата кво неколку наврати го убедувал и вториот обвинет да признае вина како би добил поблага казна, а воедно на истиот му било укажано и дека веќе бил еднаш осудуван.. Од ваквото постапување на судијата може да се заклучи дека тој веќе имал оформено мислење за обвинетите лица кое што влијаело на одлучувањето, така што  без разлика дали обвинетите би признале вина или постапката би  продолжила во фаза на изведување на докази , исходот би бил ист, од што јасно се гледа дека не е почитувано начелото на пресумпција на невиност.

Целосната реакција можете да ја прочитате на следниот линк: Јавна реакција-ОС Струмица[:]