[:mk]Отсуството на соодветна реакција од страна на институциите може во голема мера да го осуети предметот кога истиот би се нашол пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур[:]

[:mk]Коалиција „Сите за правично судење“ изразува загриженост и повикува на претпазливо постапување од страна на судовите во поглед на определувањето на мерката притвор, со цел да се избегнат било какви сомнежи за злоупотреба на притворот како вид на прикриена казна и нарушување на пресумпцијата на невиност на обвинетите лица. Притворот е најтешката мерка предвидена во Законот за кривичната постапка (ЗКП) која се изрекува со цел да се обезбеди непречен тек на кривичната постапка, како и да се отстранат опасностите од бегство на осомничените или обвинети лица, а како таква мерка треба да се изрекува единствено како последна опција, кога сите други мерки предвидени за истата намена не би можеле да го дадат посакуваниот ефект. Во поглед на ова, а согласно ЗКП барањата и решенијата за определување на притворот мора да бидат соодветно образложени и поткрепени со докази кои укажуваат на разумното сомневање за постоење на опасност од бегство, попречување на кривичната истрага или повторување на делото. Овие образложенија претставуваат клучна основа врз која Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ги базира своите одлуки при оцена на арбитрарноста, оправданоста и усогласеноста на изречената мерка притвор со членот 5 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Дополнително, би ја акцентирале појавата на определување мерка притвор за лица кои се наоѓаат во лоша здравствена состојба, соодветно поткрепена со медицинска документација, иако веќе неколку пати до сега ваквото постапување се покажало како кобно за здравјето на притворените лица. Ваквото постапување во голема мера претставува загрозување на правичниот третман во постапката, но и прекршување на основните човекови права, предвидени во ЕКЧП. Како последен од овие случаи би го издвоиле притворањето и продолжувањето на мерката притвор за осомниченото лице во предметот познат како „Рекет“, кое лице денес мораше да биде изнесено на носила од просториите на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а воедно до сега неколку во наврати му беше укажувана итна медицинска помош и  третман во клиничкиот центар. Иако неговата хронично нарушена здравствена состојба упатува на потребата од зголемена грижа за неговото здравје и покрај барањето мерката притвор да биде заменета со мерка домашен притвор, ова лице сé уште се наоѓа Истражниот затвор Скопје.

Од друга страна, во домашната пракса, мерката притвор е секогаш заменувана со некоја полесна мерка за обезбедување кога истата треба да се примени кон сегашни или поранешни високи функционери, а особено во случаите кога истите се жалат на лошата здравствена состојба и за истото презентираат медицинска документација. Забележителна е и употребата на полесните мерки за обезбедување на присуство применети кон сегашни или поранешни високи функционери кога истите се обвинети за потешки дела, како и кога истите се наоѓаат во многу поповолна положба да влијаат на истрагата, да го повторат делото или пак да се дадат во бегство.

Ваквото постапување со недостаток од темелни образложенија на судските одлуки оди на штета на репутацијата на судот и перцепциите на јавноста за професионалност, независно и транспаретно работење на судот. Отсуството на соодветна реакција од страна на институциите, како и не преиспитување на определената мерка во вакви случаи, може во голема мера да го осуети предметот кога истиот би се нашол пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

 [:]