[:mk]КСПС: Надлежните институции да ги преземат сите мерки за превенција од проширување на КОВИД-19 во затворските установи[:]

[:mk]

ОПАСНОСТ ОД ШИРЕЊЕ НА КОВИД-19 ВИРУСОТ ВО ЗАТВОРСКИТЕ УСТАНОВИ

Коалицијата “Сите за правично судење”, досега поднесе неколку барања за употреба на информатичко компјутерска технологија за спроведување на јавни судења без физичко присуство на учесниците во иста просторија кои беа упатени до релевантни чинители, како Врховниот суд, Судскиот совет согласно нивните надлежности предвидени во Законот за кривичната постапка и Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредна состојба и работењето на судовите и јавните обвинителства. Во овие барања Коалицијата потенцираше дека помеѓу другото, неопходно е да се направат напори како би се заштитило здравјето на лицата кои се лишени од слобода, а чии судења се приоритетни и се одржуваат со нивно физичко присуство во судницата, како и да се заштити здравјето на лицата вработени во затворските институции и здравјето на семејствата на овие лица. Во овој контекст, Коалицијата истакнува голема загриженост поради случајот на починат притвореник кој бил инфициран со КОВИД-19, што упатува на зголемена потреба од проактивност, соодветна координација помеѓу институциите и службите, како и сериозни напори за да се спречи ширењето на вирусот во затворите и притворските одделенија, каде имајќи ги предвид несоодветните услови за одржување на хигиена, дезинфекција, употреба на заштитни маски и ракавици, одржување на растојание и избегнување на групирање, ваквото ширење на вирусот би можело да има катастрофални последици.

Коалицијата “Сите за правично судење” уште еднаш ја користи оваа прилика да ги повика надлежните служби, вклучувајќи ги тука судовите, Судскиот совет, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, како и казнено поправните и воспитно поправните домови и установи, да ги преземат сите расположливи мерки кои се во нивна надлежност, а со кои би се придонело кон превенирање на потенцијална и сериозна инфекција со КОВИД-19 во установите каде се наоѓаат лица лишени од слобода. Во оваа насока е и обраќањето на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации во кое се повикуваат државите да ги преземат сите неопходни чекори за да го заштитат здравјето и животот на лицата кои се во притвор и други затворени установи, здравјето на нивните семејства кои доаѓаат да ги посетат, како и здравјето и животот на лицата вработени во овие установи и нивните семејства[1]. Во своето обраќање Високиот комесар за човекови права става особен акцент на оние држави кои немаат соодветни услови за одржување на хигиена, одржување на физичко растојание и самоизолација, а доколку се погледнат извештаите на Комитетот за заштита од тортура на Советот на Европа, Македонија спаѓа токму во овие држави, што значи дека нашата држава треба да вложи особено големи напори во превенција на ширење на епидемијата во затворите и притворските одделенија[2]. Препораките во обраќањето се однесуваат токму на растеретување на затворите и притворските одделенија со отпуштање на притворените и затворени лица кои не претставуваат висок ризик или се осудени на поблага затворска казна и се во фаза на нејзино извршување, младите и повозрасните лица, лицата со хронични заболувања, бремените жени и други категории кои претставуваат висок ризик согласно препораките на Светската здравствена организација. Покрај ова Високиот комесар препорачува континуирано следење на здравјето на оние лица кои се пуштени на слобода поради тоа што истите претставуваат ризична категорија, односно се излезени од места каде има несоодветни услови а имплементација на препораките за превенција од ширење на вирусот, па поради тоа истите можат да бидат носители на КОВИД-19.

Дополнително, Комитетот за спречување на тортура и Советот на Европа, како и Светската здравствена организација издадоа упатства и препораки согласно кои се препознава зголемената опасност од ширење на коронавирусот во затворите и притворските одделенија и се повикуваат државите да преземат низа мерки на повеќе нивоа со цел да се спречи евентуална епидемија во затворите и затворените установи[3][4]:

Овие документи предвидуваат препораки за судовите и јавните обвинителства, како што е намалување на употребата на мерката притвор и ублажување на казнената политика во поглед на изрекување на затворските казни. Согласно препораките, неопходно е да се врши постојан надзор над траењето на мерките притвор, како и постигнувањето на целта на казнувањето со што би се оневозможило непотребно лишување од слобода, кое е особено важно во услови кога затворените установи претставуваат ризичен фактор. Во овие препораки се става особен акцент врз давањето предност на слободата на ризичните групи, како што се лицата со хронични болести, бремените жени, младите и повозрасните лица, како и лицата кои се обвинети или осудени за поблаги кривични дела, а кои се лишени од слобода.

Ваквиот пристап значи зголемена употреба на алтернативните мерки, па поради тоа голем дел од препораките се однесуваат и на надлежните институции за спроведување и извршување на санкциите, како Управата за извршување на санкции, затворите, Министерството за правда итн. Овие препораки се однесуваат на обезбедување на соодветна здравствена заштита на лицата лишени од слобода, како и лицата вработени во затворите преку овозможување на соодветни услови за одржување на хигиена и соодветни услови и опрема а одржување на физичко растојание. Во поглед на лицата вработени во затворите, се препорачува да се обезбеди соодветна обука и опрема, но и да се зголемат човечките ресурси, како и да се обезбеди секоја возможна професионална помош, со цел овие лица да можат да продолжат да ги извршуваат своите работни задачи, притоа минимизирајќи го ризикот по сопственото здравје и здравјето на своите семејства. Од друга страна пак, во поглед на лицата лишени од слобода се дадени повеќе препораки кои се однесуваат на обезбедување на средства за лична хигиена, како и споделување на сите потребни информации за здравствените мерки за заштита на начин и јазик разбирлив за нив, како и прилагодени на полот, културата, возраста, физичките способности, менталното и физичкото здравје на лицата лишени од слобода. Рестриктивните мерки кои се применуваат во затворените установи, а се во насока на спречување на ширење на вирусот мора да бидат неопходни, пропорционални и законски основани. Доколку со овие мерки се намали физичкиот контакт и бројот на посети на лицата лишени од слобода, вклучувајќи ги тука мерките на самоизолација и карантин, надлежните мора да обезбедат пристап до свеж дневен воздух, како и да најдат алтернативни начини за комуникација, како што е телефонската и интернет комуникацијата. Надлежните исто така, мора да обезбедат непречена контрола врз условите во затворените установи од страна на Народниот правобранител и други тела основани со Конвенцијата за спречување на тортура, кои пак мора да се придржуваат до препораките за превенција за да не придонесат кон ширење на вирусот во овие установи.

Значењето на целосна, темелна и брза имплементација на овие препораки е императивно за превенција и сузбивање на појава и ширење на КОВИД-19 помеѓу затворската и притворската популација. Во контекст на ова говорат многу примери од целиот свет каде се среќаваат бегства од затвори, бунтови, како и неконтролирано ширење на болеста. Така на пример, во Италија се случија неколку бунтови и повеќе бегства откако Владата ги објави мерките за превенција од КОВИД-19 во затворите, но овие мерки не беа во контекст на препораките од СЗО, ООН и Советот на Европа и истите беа премногу рестриктивни. Во овие случувања шест затвореници починале, а 20 побегнале.[5] Во Франција, 10 дена откако почина 74 годишен притвореник кој бил позитивен на КОВИД-19 е објавено дека десет затвореници веќе се позитивни на КОВИД-19, додека 450 други покажувале разни симптоми и истите се тестираат.[6] Иако Франција е една од земјите кои имаат соодветни услови во затворените установи за одржување на хигиената, сепак како резултат на првиот заболен од КОВИД-19 во затворена установа во Франција, помеѓу 5.000 и 6.000 затвореници чекаат бенефиција на ран отпуст од издржување на казната Посебни проблеми се појавуваат во државите кои немаат соодветни услови во затворените установи, па така во Колумбија како резултат на немирите во затворите предизвикани поради страв од ширење на вирусот 23 затвореници загинале, а 83 се повредени, поради што Колумбија подготвува законско решение за амнестирање на околу 10.000 затвореници[7].

Имајќи го предвид горенаведеното, Коалицијата уште еднаш ја потенцира сериозноста на опасноста од ширење на КОВИД-19 во затворените установи во Северна Македонија и ги повикува надлежните институции да преземат навремени и координирани акции за целосна имплементација на препораките на СЗО, ООН и Советот на Европа со цел да се избегнат непожелни ситуации и да се овозможи целосно почитување на правото на здравствена заштита и заштита на човечкото достоинство на лицата лишени од слобода, лицата вработени во затворените установи и семејствата на овие две категории на лица.

Преземи ја реакцијата на следниот линк.

[1] https://www.ohchr.org/EN/NewsEvents/Pages/DisplayNews.aspx?NewsID=25745&LangID=E
[2] https://rm.coe.int/pdf/168075d656
[3] http://www.euro.who.int/__data/assets/pdf_file/0019/434026/Preparedness-prevention-and-control-of-COVID-19-in-prisons.pdf?ua=1
[4] https://www.coe.int/en/web/cpt/-/covid-19-council-of-europe-anti-torture-committee-issues-statement-of-principles-relating-to-the-treatment-of-persons-deprived-of-their-liberty-
[5] https://www.open.online/2020/03/09/coronavirus-rivolta-in-un-carcere-di-modena-morto-un-detenuto/
[6] http://www.leparisien.fr/faits-divers/mort-d-un-detenu-a-fresnes-les-prisons-a-l-epreuve-de-l-epidemie-de-coronavirus-19-03-2020-8283483.php
[7] https://www.infobae.com/america/colombia/2020/04/03/colombia-prepara-una-excarcelacion-masiva-de-presos-por-el-avance-del-coronavirus/

[:]