Период на имплементација: октомври 2010 – септември 2011 година
Основни цели
Главната цел на проектот е да придонесе кон поголема слобода на медиумите и почитување на слободата на говор во Република Македонија. Целта на проектот е набљудување на судските случаи во кои новинарите се обвинети за кривичните дела клевета и навреда и нивото на почитување на меѓународните стандарди за правично судење, посебно чл. 6 од Европската конвенција за човекови права. Преку овој проект Коалицијата “Сите за правично судење” ќе направи сериозен обид за добивање веродостојни информации за гонењето и санкционирањето на новинарите обвинети за клевета и навреда.
Проблеми и потреби (контекст):
Во последните неколку години новинарите во Република Македонија се жалат на чести напади на слободата на говор и јавното информирање. Многу често овие напади на новинарите завршуваат во судница со кривична пријава против нив за клевета и навреда.
Извештајот на Европската комисија од 2009 година за напредокот на Република Македонија, состојбата на полето на слободата на медиумите ја опишува како: ” Политичкото влијание во медиумите е особено загрижувачко бидејќи води кон самоцензура на новинарите и ограничување на слободата на говор.”
Во 2009 година Здражението на новинари на Република Македонија организираше тркалезна маса насловена “Медиумите и судовите” на која новинарите отворено прозбореа за начинот на кој се третирани кога ќе се појават во судница. Новинарите постапката против нив во суд ја окарактеризираа како “инквизиторска и одмаздничка”.
Центарот за развој на медиумите не е загрижен за бројот на судските постапки против новинарите туку за тоа како самата постапката се води и како завршуваат судските случаи. Виските казни против новинарите може да доведат до самоцензура и демотивирање кога новинарите известуваат за сензитивни прашања или јавни личности.
Преку овој проект, Коалицијата “Сите за правично судење” ќе направи сериозен напор да се обезбедат проверени сознанија за гонењето и санкционирањето на лицата обвинети за клевета и навреда кои ќе бидат во функција на основната цел на проектот – следење на судските постапки против новинарите обвинети за клевета и навреда и нивото на почитување на меѓународните стандарди за фер судење, посебно членот 6 и членот 10 на Европската конвенција за човекови права. Проектот исто така ќе направи компаративна анализа на ситуацијата во 2006 година и денес.
Проектни активности
- Идентификација на кривичните предмети во кои новинарите се обвинети за кривичните дела клевета и навреда;
- Набљудување на случаите пред домашните судови;
- Соработка со судовите од прв степен, медиумите, Македонскиот институт за медиуми, Здружението на новинари на Република Македонија итн;
- Организирање на две тркалезни маси;
- Статистичка обработка на податоците добиени од набљудувањето на судските случаи и изготвување на аналитички извештај;
- Прес конференција за јавно промовирање на проектот и резултате од проектот.
Контакт:
Александар Блажески – Проектен координатор
Донатори
- ФИООМ – Фондација Институт Отворено Општество Македонија