[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / Posts / Признанието на вина мора да биде израз на слободната волјата на обвинетиот!

Признанието на вина мора да биде израз на слободната волјата на обвинетиот!

Преземете ја реакцијата.

Институтот пресумпција на невиност е еден од правните темели согласно кој секој осомничен или обвинет за кривично дело, се смета дека е невин сé додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен. Еден од основните принципи на кој се заснова Уставот на Република Северна Македонија е гарантирањето и заштитата на основните слободи и права на граѓаните, па со ратификувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права (во понатамошниот текст: ЕКЧП), таа стана составен дел од правниот систем на Р. Северна Македонија. Членот 6 од Конвенција го гарантира правото на фер и правично судење каде што е вклучено и начелото пресумпција на невиност.

Коалицијата „Сите за правично судење“ ја истакнува својата загриженост и остро го осудува постапувањето на судот во предметот К-124/20 што се води пред Основниот суд во Охрид за кривично дело по чл.297 ст.3 од Кривичниот законик против едно обвинето лице. Од страна на професионалниот набљудувач на Коалицијата се забележани низа повреди на процесните правила коишто влијаат обвинетиот да добие фер и правично судење согласно домашните и меѓународните стандарди.

На 17.11.2020 година, иако не биле исполнети законските претпоставки согласно чл.364 од Законот за кривична постапка (во понатамошниот текст: ЗКП), рочиштето било одржано. Конкретно, на самото рочиште за главна расправа не бил присутен јавниот обвинител кој што го застапува предметот, а од страна на судот на записникот е констатирано дека истиот е присутен. И покрај тоа што законските претпоставки не биле исполнети, главната расправа по овој предмет е одржана и истата е завршена со пресуда. Со ваквото постапување на судот е направена суштествена повреда на постапката согласно чл.415 ст.1 т.3 од ЗКП каде што е предвидено дека повреда на постапката претставува одржување на главна расправа без лице чие присуство е задолжително според законот.

Европскиот суд за човекови права (во понатамошниот текст: ЕСЧП) во пресудата Кривошапкин против Русија, утврдил повреда на членот 6 од ЕКЧП бидејќи во отсуство на јавниот обвинител за време на кривична постапка, судијата, меѓу другото, ги испрашувал обвинетите и сведоците кои присуствувале на главната расправа. Иако жалителот се изјаснил за невин, судијата ја утврдил неговата вина врз основа на доказите изведени на тој начин. Во тие околности, ЕСЧП сметаше дека судијата не ги зачувал гаранциите за адверсаријалната природа на кривичните постапки и ги помешал функциите на јавниот обвинител и судијата: судијата го презел случајот на обвинителството, ги испитал фактите, ја утврдил вината на жалителот и изрекол санкција.

Имено, од страна на судијата кој што постапувал во овој предмет не е целосно почитувано начелото на пресумпција на невиност што е спротивно на Уставот на Р. Северна Македонијаи Законот за кривична постапка. Поточно, и покрај тоа што обвинетиот не бил поучен за неговите права во текот на постапката од страна на судот, судијата кој сакал да ја „забрза“ постапката извршил и влијание врз одлуката на обвинетиот да признае вина. Конкретно, судијата кој што го води предметот, му посочил на обвинетиот дека доколку признае вина истиот ќе добие условна осуда, при што со ваквото постапување судот излегол надвор од рамките на своите овластувања и извршил притисок на обвинетиот во насока на користење на институтот признание на вина.

ЕСЧП во пресудата Нештак против Словачка утврдува повреда на чл.6 од ЕКЧП и смета дека пресумпцијата на невиност според членот 6 е нарушена ако судска одлука или изјава на јавен службеник односно судија во врска со лице обвинето за кривично дело одразува мислење дека тој е виновен пред тоа да биде докажано според закон. Додека пак во пресудата Гарицки против Полска судот сметка дека тоа е доволно, дури и во отсуство на каков било официјален заклучок, доколку има некои размислувања кои сугерираат дека судот или службеникот го сметаат обвинетиот за виновен претставува повреда на начелото на пресумпција на невиност.

Согласно член 10 став 1 од ЗКП, забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава. По поуката за правата на обвинетиот без оглед на природата и тежината на кривичното дело за кое се води постапката, истиот може доброволно да ја признае вината во однос на едно или повеќе кривични дела од обвинението Обвинетиот може да ја признае вината во судската постапка или во пораните фази од постапката, односно во постапка за спогодување со јавниот обвинител. И во двата случаи, неопходно е признанието да биде доброволно за да биде допуштено. Признанието мора да биде израз на слободната волја на обвинетиот, и тоа има вредност само ако е дадено по правилно изложените поуки од органот што го спроведува испитувањето.

Поради сето погоре наведено, Коалицијата „Сите за правично судење“ остро го осудува ваквото постапување на судот во поглед на начинот на кој е дадено признание на вина од страна на обвинетиот и апелира доследно да се почитуваат правата на обвинетите во судските постапки и да се имплементираат меѓународните стандарди за фер и правично судење. Во таа насока, судот е оној орган кој што треба да се грижи за правата на обвинетите во постапката по службена должност и во ниту еден момент не смее да остави сомнеж за пристрасно водење на постапката.

Top