[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / Posts / Јавна реакција за непостапување на надлежните институции по пријава на семејно насилство

Јавна реакција за непостапување на надлежните институции по пријава на семејно насилство

Во текот на денешниот ден во медиумите беше објавена вест дека полицијата во Тетово завчера вечер не постапила по добиена пријава за семејно насилство извршено врз жена од страна на нејзиниот сопруг во семејниот дом, а во присуство на нивните две малолетни деца, од причина што истите немале заштитна опрема, а за лицето кое го вршело семејното насилство се знаело дека е заболен од COVID 19.[1] Имено, како што пренесоа и медиумите, последниот напад бил синоќа, но жената подолго време била држена во страв од насилниот сопруг, била тепана, силувана, демнета и оставена без приходи. Истата, неколку пати го пријавувала во полицијата, а индиректни жртви биле и нивните две малолетни деца како сведоци на извршувањето на наведените облици на семејно насилство.

Коалицијата „Сите за правично судење“ остро го осудува ваквото непостапување на надлежните органи и апелира дека ваквото однесување е забележано и во други случаи, при што во еден случај доведе и до фатални – смртни последици.

Истото води и кон демотивирање на жртвите за пријавување на семејното насилство, односно фактори кои влијаат за непријавување на семејното насилство најчесто се чувството на беспомошност, страв од осуда и срам на жртвата, страв од насилникот и неговата одмазда, недоверба во институциите и економската зависност на жртвите од насилниците, со што сѐ повеќе се зголемува темната бројка на случаи на семејно насилство. Оттаму, несанкционирањето подразбира и директна одговорност на државата за повторувањето на ова тешко кривично дело од страна на сторителите и неговите последици кои се тешки и долготрајни и ги повредуваат основните човекови права и слободи.

Согласно Европската конвенција за човекови права и слободи, државата е обврзана да презема мерки за заштита на загарантираните права и слободи, како и да спроведе ефективна истрага во случај на нивна повреда. Оваа ситуација укажува на неефикасност на надлежните органи чија природа на работата согласно законските овластувања и надлежности налага итност на постапувањето во вакви случаи. Членот 29 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство пропишува дека полицијата е должна секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот. Обврската на државата да воспостави превентивни и заштитни механизми во случаи на семејно насилство произлегува и од Истанбулската конвенција што е ратификувана со закон и е дел од нашиот правен систем. За ваквото непостапување полициските службеници треба да сносат соодветна одговорност а државата преку надлежните институции мора веднаш да преземе мерки за заштита на жртвите.

Во насока на заштита на основните човекови права и слободи како и зајакнување на ефикасноста на државните органи во справување со овој облик на криминалитет, Коалиција „Сите за правично судење“ во текот на 2019 и 2020 година вршеше мониторинг на судски предмети од областа на семејно насилство и родово базирано насилство. Имено, до Коалицијата може да се обратат сите граѓани кои имаат потреба од бесплатна правна помош за заштита од семејно насилство на следниот начин: да се обратите на нашите телефонски броеви: 026139874/071-218-651, да ни пишете мејл на: bpp@all4fairtrials.org.mk или да не’ посетите во нашата Канцеларија за бесплатна правна помош и мониторинг.

 

[1] https://sdk.mk/index.php/neraskazhani-prikazni/tetovchanka-molela-za-pomosh-dodeka-ja-tepal-soprugot-politsijata-ne-intervenirala-oti-bil-pozitiven-na-koronavirus/?fbclid=IwAR2Sj8LKbqobnLK2_ZY0Hyxq2GG9TmPjJOuhD7HNwHUuD28MMW4wIujEf7E.

Top