[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / Posts / Составот на судот е conditio sine qua non за обезбедување на правично судење!

Составот на судот е conditio sine qua non за обезбедување на правично судење!

Превземете ја реакцијата.

Во членот 103 од Уставот на Република Северна Македонија регулирана е рамката за составот на судот и учеството на судиите поротници во донесување на судските одлуки. Како што Уставот предвидува, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за кривичната постапка се утврдени правилата за правично водење на кривичната постапка и во истиот е наведено дека никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка. Правото на правично судење подразбира дека лицето обвинето за кривично дело има право во правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана. Оттаму, правилниот и потполниот состав на судот пред кој непосредно се изведуваат доказите е неопходен предуслов за обезбедување на правично судење. Составот на судот се одредува во зависност од фазата на кривичната постапка и кривичното дело за кое се води постапката. Промената на судијата поединец или на составот на советот задолжително резултира со започнување на главната расправа одново.

Преку овие одредби е транспонирано правото на правично судење загарантирано со членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, што предвидува дека секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Европскиот суд за човекови права во пресудата за случајот Pandjikidze and Others v. Georgia1, како и во пресудата за случајот Gorgiladze v. Georgia 2цени дека изразот „воспоставен со закон“ ја опфаќа не само правната основа за самото постоење на судот, туку и почитувањето од страна судот на конкретните правила што го уредуваат неговото работење. Судот во низа свои одлуки како Posokhov v. Russia3, Fatullayev v. Azerbaijan 4 и Kontalexis v. Greece5, го цени и составот на судскиот совет во секој предмет во контекст на барањето судот да биде „воспоставен со закон“.

Коалицијата „Сите за правично судење“ истакнува загриженост за постапувањето на судот по предметот заведен под референтен број К-543/19, што се води пред Основниот суд Куманово за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 4 од Кривичниот законик, а во насока на прекршување на одредбите за состав на судот од страна на судот. Имено, на главната расправа по предметот одржана на 30.09.2020 година во фаза на доказна постапка, судијата-член на судечкиот совет пред почетокот на главната расправа се обратил до странките со прашање дали се согласни истиот да не присуствува на рочиштето бидејќи како што самиот кажал, имал судење по друг предмет. Извесно време по отпочнување на главната расправа, судијата-член на судечкиот совет го напуштил судењето, па изведувањето на доказите се одвивало во негово отсуство. На конкретното рочиште за главна расправа бил испитуван сведок предложен од страна на обвинителството.

Присуството на сите субјекти во кривичната постапка е законска претпоставка од чие исполнување зависи дали ќе бидат исполнети условите за одржување на главна расправа. Овие околности ги цени токму Судот и истите се предвидени со одредбите за кривичната постапка, пришто не зависат од согласноста на странките. Така, непотполн судечки совет повлекува неможност да се одржи главната расправа, дотолку повеќе имајќи ја предвид прво, контролната и раководната функција на Судот во текот на главната расправа, а крајно целокупната негова улога во постапката. Непочитувањето на одредбите за состав на судот претставува жалбен основ, односно суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка (error in procedendo). Согласно членот 414 и членот 415 став точка 1 од ЗКП, суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои ако судот бил непрописно составен или ако во изрекувањето на пресудата учествувал судија или судија – поротник кој не учествувал на главната расправа. На прво место меѓу жалбените основи се токму суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка. Во случај на нивно постоење, законот смета дека постапката е ништовна и начелно пропишува обврска за нејзино повторно водење, бидејќи истата е формално неправилна и затоа во неа не може воопшто да се испитаат околностите за правилно решавање на другите правни прашања.6

Ваквото постапување на судот не само што претставува крајно непочитување на одредбите од Законот за кривичната постапка, туку и целосно ја доведува во прашање функцијата на самиот суд како делител на правда. Неприсуството на судијата на главната расправа односно неговото неучество на истата при изведувањето на доказите отвора сомнеж во однос на неговата независност и непристрасност, имајќи предвид дека истиот учествува и во изрекувањето на пресудата што се носи врз основа на фактите и околностите утврдени во текот на главната расправа при изведување на доказите.

Коалицијата ќе продолжи и понатаму будно да ги следи судските процеси кои што се водат пред домашните судови, а во насока на почитување на меѓународните стандарди за фер и правично судење. Воедно Коалицијата и понатаму ќе продолжи да се залага за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Top