[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / Правен Блог / Фер и правично судење во време на пандемија

Фер и правично судење во време на пандемија

Автор:
Фросина Петковска

1. Вовед

Денес светот е соочен со нов предизвик, наречен КОВИД-19. Пандемијата предизвикана од овој вирус

претставува глобален, пред сè здравствен проблем, но и генерален проблем кој погоди повеќе од милиони луѓе од скоро секоја држава на планетата земја. Во вакви околности, државите се исправени пред предизвик да се справат со непознат непријател, да ги заштитат своите граѓани, а притоа да не ги повредат нивните слободи и права. Но, сепак изгледа дека едното без другото не може, а глобалната пандемија диктира нов начин на водење на „нормалното“ функционирање на светот, преку наметнување неодложна обврска за преземање на низа „вонредни“ мерки. Но, ваквите вонредни мерки во голема мера задираат во демократските вредности на државите, со што уживањето на човековите права и слободи е ставено под знак прашалник со оправдувањето – постигнување на општо добро. Оттука, реална е сликата за државите кои во борбата со „невидливиот непријател“ ги преминаа дозволените граници и отидоа до таму да дерогираат права, кои не би требало да бидат дерогирани под никакви околности.

Постојат одредени институции, функции и инструменти кои се клучна алка во едно демократско општество и нивната работа не би требало да биде во целосен застој под никакви околности. Една од тие алки на демократијата е судскиот систем, а работата на судовите и судската администрација не смее да биде доведена во прашање ни под вакви услови на глобална пандемија, пред сè поради фактот што истите претставуваат гаранција за остварување на едно од есенцијалните човекови права – правото на пристап до правда и правото на фер и правично судење.

2. Правото на фер и правично судење

Правото на фер и правичнo судење се однесува на спроведување на правдата во кривичен и граѓански контекст. Станува збор за принцип кој со себе повлекува низа на индивудуални права преку кои се гарантира остварувањето на правдата од првиот момент – од основот на сомневање па се до извршување на пресудата. Остварувањето или спроведувањето на правдата има два аспекти: институционален и процедурален. Институционалниот аспект, наједноставено кажано, предвидува право на секој поединец да му биде судено пред независен и непристрасен суд, основан со закон, кој работи според законите на државата и пред кој право на пристап имаат сите поеднакво. Вториот аспект, процедуралниот во себе носи низа на права кои се поврзани со правото на правично судење. Тука спаѓаат правото на еднаквост пред законите и судот, правото на пристап до ефективни и правични правни лекови, правото на презумција на невисност, право на судење без неопходно одложување и во негово присуство, правото на бранител, право на преведувач (доколку не го разбира службениот јазик на судот пред кој постапува) и толкувач, како и принципот „nulla poene sine lege“[1]. Целосното почитување на сите нив би претставувало и целосно почитување на правото на правично судење.

Покрај со домашното законодавство, принципот за правото на правично судење е заштитен и со Европската Конвенција за човекови права (ЕКЧП), каде во член 6 се вели дека секој граѓанин при остварувањето на сопствените права и обврски, или пак доколку против него е поведена кривична постапка, има право на фер и јавна судска расправа која ќе се одржи во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон. При тоа ЕКЧП вели дека постапките пред судовите и пресуда треба да бидат јавни, а јавноста единствено може да биде исклучена (целосно или делумно) само доколку истото е во интерес на моралот, јавниот ред и националната безбедност во едно демократско општество, или кога истото е неопходно поради заштита на интересите на малолетниците или приватноста на која било од страните во постапката, како и доколку судот одлучи дека јавноста би била во спротивност со интересите на правдата.[2] Понатаму со овој член од ЕКЧП се предвидуваат и сите погоре наведени елементи (или права) на принципот на правично судење, кои претставуваат гаранција дека истиот е целосно испочитуван.

Нашиот законодавец го предвидел принципот на правично судење во Законот за кривична постапка и во Законот за судовите. Во Законот за кривична постапка истото е предвидено во првата глава (Основни начела) каде во членот 5 се вели „ Лицето обвинето за кривично дело има право во правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана“.[3] Законот за судовите правото на правично судење истиот така го предвидува во првата глава (Основни начела), каде во членот 6, став 2 вели „При одлучувањето за граѓанските права и обврски и при одлучувањето за кривичната одговорност, секој има право на правично и јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон.“[4]

3. Правото на фер и правично судење за време на ковид-19 низ светот

Нормалното функционирање на секојдневниот живот низ земјите во светот е паузирано со преземање на низа на мерки за справување со вирусот – воведување на вонредна состојба, ограничување на слободата на движење, рестриктивен и строго контролиран пристап до институции, воведување на целосен „lockdown“ на трговските центри, спортските центри, рестораните и слично. Овие, како и многу други мерки, имаат влијание врз целокупното општествено функционирање, вклучувајќи го и функционирањето на системот на кривично-правна заштита, бидејќи земјите посегнаа по ригорозни мерки, со кои се ограничи пристапот до голем дел од инстистуциите, a следствено на тоа во голема мера е ограничено и практикување на основните човекови права. Но, во процесот на креирање и спроведување на мерки за борба со вирусот, како да заборавија на фактот дека одредени функции и институции во демократските општества не смеат да бидат во целосен застој под никакви околности.

Кога ситуацијата со бројот на заразени од КОВИД-19 ескалираше голем број од државите преземаа ригорозни мерки, како што се целосно или парцијално затворање на судовите (Албанија, Естонија, Финска, Унгарија), постапување на судовите само во итни случаи (Грција, Италија, Латвија, Романија), не постапување по нови случаи (Белгија), суспезија на роковите и целата активност на судовите (Бугарија, Луксембург,Црна Гора),[5] како и ред други мерки вклучувајќи и забрана за посети во пенитенцијарните установи, на пример во Италија, каде сите посети во затворите беа забранети, што на крајот резултираше со масовни протести на затворска популација, но и во Холандија, каде беа забрани посетите во затворите, освен за децата кои се наоѓаат згрижени во институции.[6]

Заштитата на фундаменталните човекови права и слободи, па дури и во услови на светска пандемија и вонредна состојба, е неопходна и истата мора да се почитува од страна на сите општествени чинители. ЕКЧП[7], како и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права [8], предвидуваат низа на права кои што не смеат да бидат дерогирани во ваква состојба. Меѓу тие права, иако не е експлицитно наведено, спаѓа и правото (или принципот) на правично судење, бидејќи негирањето на одредени фундаментални човекови права, никогаш не може да биде строго неопходно, без разлика на настаната ситуација, бидејќи почитувањето на овие права е од суштинско значење за обезбедувањето на целосно уживање на оние права кои не смеат да се дерогираат под никакви околности.[9] Оттука, правото на фер и правично судење никогаш не смее да биде предмет на ограничување, затоа што на тој начин би се заобиколила заштита на правата кои не смеат да бидат дерогирани. Дополнително, отстапувањето од одредени фундаментални принципи, како што е принципот на правично судење, треба да биде забрането под било какви околности, па дури и во вонредна состојба или ограничувањето на принципот на правично судење би требало да биде сведено на минимум во кризни ситуации каде е загрозена националната безбедност. Или со други зборови кажано, ограничувањето на целосното уживање на одредени права мора да биде неопходно и пропорционално на настанатата ситуација, но не смее да ја поткопува суштината на правичноста во постапката.[10]

Имајќи го предвид фактот дека сè уште нема јасна проценка до кога би можела да трае оваа криза, а во најголем дел од државите, вклучувајќи ја и нашата, се процесираат само итните судски случаи, се наметнува потребата од разгледување и изнаоѓање на алтернативни решенија, сè со цел непречено остварување на кривично-правната заштита. Голем дел од државите ширум светот веќе изнајдоа и започнаа со имплементација на ваквите алтернативни решенија преку воведување на систем на „далечинско“ или „виртуелно“ судење, со користење на современа аудио-визуелна технологија. Преку воведувањето на овие мерки кривично-правниот систем може да остане целосно функционален, со што ќе се превенираат долгите одложувања на постапките, ќе се осигура процесирањето на итните случаи, како што се притворските, но преку воведувањето во употреба на ваквите технологии може да се обезбеди и правото на ефективна одбрана, со што би се овозможило обвинетите кои се лишени од слобода да имаат редовна комуникација со своите бранители и покрај забраните за посети. Ваквите алтернативни мерки се препорака и на Европската комисија според која се препорачува користење на аудио и видео комуникација или други виртуелни алатки, како преземање на други мерки за претпазливост и заштита, како што се стаклени прегради во полициските станици, судовите и затворите, се со цел да се овозможи правото на правично судење и пристап до ефективна одбрана.[11]

Некои од државите (во и надвор од ЕУ) веќе започнаа со примената на ваквата пракса, па така Обединетото Кралство, покрај тоа што воведе „виртуелно судење“ на Врховниот суд, за истото предвидува и видео стриминг на неколку веб страни, со што се обезбедува целосно почитување на принципот на правично судење преку обезбедување на сите неопходни елементи, вклучувајќи ја и јавноста.[12] Ваква пракса презедоа и неколку судови во САД и Европа,[13] како и земјите од нашето соседство, односно Република Србија, каде со одлука на Министерството за правда се воведе судење преку апликацијата „Скајп“ за лицата кои ја прекршиле мерките за самоизолација.[14]

4. Ситуацијата во северна македонија

Нашата држава моментално се наоѓа во многу комплицирана уставно-правна ситуација, пред се поради фактот што пандемијата пристигна во предизборен период, со распуштено Собрание и техничка Влада, односно без функционална законодавна и извршна власт. Во една ваква состојба решение за справување со вирусот се најде во прогласувањето на вонредна состојба, сè со цел полесно менаџирање на настанатата состојба. Но, во ситуација на вонредна состојба, каде што институциите работат со минимум капацитет и со строго рестриктивен физички пристап, остварувањето на основните права е ставено под знак прашалник.

Низата на мерки, препораки и уредби кои се донесени во голема мера го ограничија пристапот до правдата. И додека од една страна имаме забрана за контакт со надворешноста во пенитенцијарните установи, строго ограничен пристап до судот, а со тоа и до правото на јавност на судските процеси (освен кога станува збор за стручна јавност), процесирање на судски предмети само во итни случаи, не можеме да зборуваме за целосно почитување на правото на фер и правично судење.

Судскиот Совет уште на 17 март, следејќи ги препораките на Владата, донесе одлука со која ги задолжи претседателите на судовите и судиите, менаџирањето со судските предмети да го усогласат со мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија и надлежните здравствени органи и да ги преземаат сите мерки на претпазливост со цел да се намали ризикот од инфекција. За таа цел влезот во судовите беше (и сè уште е) ставен под строга контрола и истиот е подложен на безбедносни здравствени мерки. Покрај превентивни мерки, со одлуката судовите се задолжија да постапуваат само по нужни работи како што се судењата на кривичните предмети каде обвинетите се во притвор, домашен притвор или против нив е изречена друга мерка за обезбедување на присуство; кривичните предмети каде странките немаат место на живеење или престојување во РСМ; кривичните предмети за кои постои опасност од одлагање; кривичните предмети за кривичните дела од чл. 205 од КЗ, чл. 206 од КЗ, чл. 208 од КЗ, чл. 382 од КЗ, чл. 383 од КЗ и чл. 387 од КЗ; прекршочни предмети кои се итна природа; предмети кои се во фаза на носење на одлука, како и оние за кои постои опасност од повреда на принципот на судење во разумен рок и кои по сила на законот се итни. Што се однесува до поднесоците, со оваа одлука судовите останаа отворени за поднесување на истите, како и за други работи кои се врзани со законски преклузнивни рокови.[15]

Нешто подоцна, односно откако беше прогласена вонредната состојба, Владата на Р.С.Македонија донесе Уредба со законска сила со која сите законски и преклузивни рокови кои се однесуваат на парнична, вонпарнична постапка, предлози за кривично гонење, поднесување приватна тужба, барање за извршување и побарување, тужби за поведување на управни спорови, иницирање на постапка пред Уставен суд, како и за сите други судски постапки, престанаа да течат од моментот на стапување на сила на уредбата, па сè до престанувањето на вонредната состојба,[16] што значи дека уредбата сè уште е на сила. Понатаму, со уредбата престанаа да течат и сите законски и преклузивни рокови кои се однесуваат на изјавувањето на правни лекови, правни средства и преземање на процесни дејствија за погоре наведените постапки. Што се однесува до кривичните и прекршочните постапки, престана да течат и роковите за поднесување на жалба или приговор на одлуките со кои постапките завршуваат, а престанаа да течат и роковите за изјавување на правни лекови. Исто така, престанаа да течат и роковите за застарување на кривичното гонење, поведување и водење на прекршочна постапка, извршување на кривичните и прекршочните санкции, како и роковите за издавање на упатни акти за издржување на казна затвор до три години и тоа до 1 септември 2020 година, освен за предметите за кои постои опасност од застарување на извршувањето на казната.[17] Ако на сето ова ja додадеме и функционалноста на пенитенцијарните установи кои според препораките на Владата работат во строго контролирани услови почитувајќи ги мерките за заштита и превенција од КОВИД-19, можеме да кажеме дека системот на правдата е во застој. Пример за истото е наодмнешното судење на две лица за извршено насилство, случај кој беше доста медиумски експониран, а чие што прво рочиште беше одложено поради тоа што обвинетите, за кои беше одредена мерка притвор, беа ставени во самоизлација во притворското оделенија во затворот Куманово, па истите нема можност заедно со својот бранител да ја подготват својата одбарана.[18]

И додека државите низ светот, но и во нашата околина, преземаат алтернативни решенија за да ги минимизираат последиците на кризата врз ваквите суштински човекови права, нашата држава се чини дека не го следи тој тренд. И покрај препораките и добрите практики за воведување на судења на далечина, преку користење на најразлично современи технологии, во нашата држава кон таква пракса посегна само Основниот суд Кавадарци, кој одржа неколку „виртуелни“ рочишта, каде право на присуство имаше и стручната јавност. Покрај тоа, Основниот суд Кавадарци презеде и дополнителни заштитни мерки, па во текот на месец мај беа поставени плексиглас-паравани во судниците, со што се овозможи безбедно функционирање на судот. За жал, најголемиот суд во државава, Основниот кривичен суд во Скопје, каде практично се процесуираат најголемиот дел од судските предмети во држава, не одржа ниту едно „виртуелно судење“, со што голем број на обвинети, жртви, како и други странки останаа во неизвесност по однос на нивните судски постапки.

5. ЗАКЛУЧОК

Од ова сето погоре наведено можеме да заклучиме дека светот денес се наоѓа во исклучително комплицирана ситуација за која сè уште е невозможно да се даде проценка до кога истата би траела. Ваквата вонредна ситуација бара преземање на „вонредени“ мерки, кои од една страна помагаат во полесно справување со пандемијата, а од друга страна истите задираат во основните човекови права и слободи. Едно од оние права, кои се загрозени со примената на овие мерки, дефинитивно е и правото на правично судење, со сите права кои спаѓаат во истото, а се неопходни за целосно почитување на истото.

Во ситуација, како во нашата држава, каде што сè уште трае вонредната состојба, судовите функционираат со минимален капацитет и работат само по итни случаи, голем дел на итни судски рочишта се одложени поради задолжителна изолација или афектираност на некоја од странките во постапката и слично, принципот на правично судење е ставен под сериозен знак прашалник и целосното почитување на истиот бара итна реакција од страна на надлежните институции. Предолгото траење на забраната за движење, задолжителната социјална изолација, како и другите ефекти од преземените мерки најверојатно ќе предизвикаат зголемување на стапката на криминалитет, но и на виктимизација на оние што се најранливи (пр. жртвите на семејно насилство). Поради тоа, повеќе од нужно е судскиот систем да се стави во целосен „погон”, а доколку истото не може да се изведе на вообичаениот начин, мора да се изнајдат алтернативи со преземање на практики од државите кои досега успешно се справуваат со ваквите ситуации.

За крај мораме да напоменеме дека во демократските системи најважно е постигнувањето на општото добро на што е можно поголем број на граѓани, а општото добро нема да биде постигнато доколку имаме успешна борба со вирусот, но имаме сериозно нарушување на основните човекови слободи и права, благодарение на парцијалното функционирање на државниот систем.

1 Никој не може да биде прогласен за виновен за дело коишто не било забрането со закон во моментот кога истото било извршено.
2 Article 6, Right to a fair trial, European Convention of human rights: https://www.echr.coe.int/Documents/Convention_ENG.pdf
3 Чл. 5, Закон за кривична постапка на РСМ
4 Чл. 6, ст.2, Закон за судовите на РСМ
5 https://rm.coe.int/courts-covid-19-measures-as-of-15-april-2020/16809e2927
6 https://cdn.penalreform.org/wp-content/uploads/2020/03/FINAL-Briefing-Coronavirus.pdf
7 Article 15, European Convention of Human Rights: https://www.echr.coe.int/Documents/Convention_ENG.pdf 8 Article 4, International Covenant on Civil and Political Rights: https://www.ohchr.org/en/professionalinterest/pages/ccpr.aspx
8 Article 4, International Covenant on Civil and Political Rights: https://www.ohchr.org/en/professionalinterest/pages/ccpr.aspx
9 The Siracusa Principles on the Limitation and Derogation Provisions in the International Covenant on Civil and Political Rights, para 70: http://www.icj.org/wp-content/uploads/1984/07/Siracusa-principles-ICCPR-legal-submission-1985-eng.pdf
10 OSCE/ODIHR Meeting Report, Fair trial rights during states of conflict and emergency, 2016, pg. 6: https://www.osce.org/odihr/317766?download=true
11 https://e-justice.europa.eu/content_impact_of_the_covid19_virus_on_the_justice_field-37147-en.do
12 https://www.supremecourt.uk/news/update-about-visiting-the-uk-supreme-court.html
13 https://www.clydeco.com/insight/article/covid-19-impact-on-courts-and-arbitration
14 https://www.mpravde.gov.rs/sr/vest/29671/saslusanja-za-lica-koja-su-prekrsila-meru-samoizolacije-putem-video- linka.php
15 ОДЛУКА За постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19, Судски Совет на РСМ, 17.03.2020 год.: https://cutt.ly/RyRpz5n
16 Чл. 1, Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањeto на судовите и јавните обвинителства, 30.03.2020 год.: https://myla.org.mk/wp-content/uploads/2020/03/rokovi-sudski- postapki.pdf
17 Чл. 2, Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањeto на судовите и јавните обвинителства, 30.03.2020 год.
18 https://all4fairtrials.org.mk/wp-content/uploads/2020/04/KSPS-JR-042020.pdf

 

Top