[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / Posts / Јавна реакција во поглед на постапувањето на јавното обвинителство и судот во предметот К-930/18 (КОМИСИЈА)

Јавна реакција во поглед на постапувањето на јавното обвинителство и судот во предметот К-930/18 (КОМИСИЈА)

Коалицијата Сите за правично судење ја истакнува својата загриженост во поглед на постапувањето на јавното обвинителство и судот во предметот К-930/18 кој се водеше против лекарскиот тим на комисијата при Фондот за здравствено осигурување поради неодобрување на лекувањето во странство на Тамара Димовска. 

На рочиштето по предметот одржано на 19.04.2022 година, јавниот обвинител во завршните зборови изврши преквалификација на кривичното дело за дел од обвинетите, па така истите наместо по член 353-в „несовесно работење во службата“ од Кривичниот законик за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години, беа обвинети по член 86-б од Законот за здравственото осигурување кој предвидува казна затвор од шест месеци до три години за членови на комисијата кои ќе спречат лице да оствари право кое му припаѓа. Поради пониската предвидена казна за ова кривично дело јавниот обвинител побара од судот да констатира дека во предметот е настапена апсолутна застареност. За останатиот дел од обвинетите, јавниот обвинител го повлече обвинението. Главната аргументација на јавниот обвинител за ваквата промена беше фактот што Фондот за здравственото осигурување не е јавна установа, туку правно лице со јавни овластувања согласно што членовите на комисијата не може да се сметаат дека се службени лица или лица вработени во јавно претпријатие или јавна установа согласно дефиницијата во член 353-в од КЗ. За останатите обвинети кои се овластени службени лица (поранешни директори во ФЗО) обвинението беше повлечено поради тоа што низ постапката се докажало дека истите немале можност да донесат решение различно од мислењето на комисијата. Судот не донесе пресуда, ниту пак закажа рочиште за објава на пресудата, туку само истакна дека странките писмено ќе ја добијат истата. 

Имајќи го предвид горенаведеното, како и целокупната динамика на одвивање на овој предмет, Коалицијата со жалење констатира дека ваквото постапување од страна на јавното обвинителство, но и од страна на судот не е со должното внимание и посветеност која ја заслужуваат кривичните судски постапки, а особено доколку се земе предвид природата и околностите на случајот, но и големиот јавен интерес за постапката. Во оваа смисла е нужно да се истакне дека перцепциите на јавноста за професионалноста, независноста и ефикасноста на судовите и обвинителствата се генерираат преку јавно експонираните случаи, а особено преку начинот на кој е спроведена постапката која е проследена од јавноста, а не исходот. 

Коалицијата Сите за правично судење уште еднаш потенцира дека кривично правниот настан за кој се теретеа обвинетите во случајот е сторен во 2014 година, кога е донесено мислењето од комисијата и решението на ФЗО, додека пак смртните последици кај оштетената настапуваат во февруари 2015 година. Истиот месец е поднесена и кривична пријава од страна на Хелсиншкиот комитет до ОЈО Скопје. На јавното обвинителство му беа потребни повеќе од 3 години за да поднесе обвинителен предлог што го повлекува прашањето дали можеби во предметот била настапена и релативна застареност пред јавниот обвинител да го преземе првото процесно дејствие, особено доколку се земе предвид дека согласно член 469 од Законот за кривичната постапка, скратената кривична постапка се поведува врз основа на обвинителен предлог или приватна тужба, односно во скратената постапка не постои фаза на истрага. Во секој случај, имајќи предвид дека апсолутната застареност за ова кривично дело настапува по изминати шест години од сторување на делото, истата е настапена уште во 2020 година, или речиси 2 години пред јавниот обвинител да го утврди овој факт. Во таа насока е и постапувањето на јавното обвинителство кое иако има право да врши преквалификација на обвинението сѐ до завршните зборови, причините поради кои во конкретниот случај е направена преквалификацијата (фактот дека ФЗО е правно лице со јавни овластувања, а не јавна установа) му бил познат или требало да му биде познат на јавното обвинителство уште пред поднесување на обвинителниот предлог. На овој начин, јавното обвинителство со своето постапување директно придонело кон застарување на делото, предизвикало непотребни трошоци на постапката кои ќе паднат на товар на буџетот, непотребно користење на времето и ресурсите на јавното обвинителство и судот, не водело грижа за правото на судење во разумен рок на обвинетите и оштетените во овој случај кои непотребно долго биле во неизвесност, како и директно придонело за намалување на и онака ниската доверба на граѓаните во судовите и обвинителството. 

Од друга страна пак, судот не успеа да донесе пресуда ниту по 3 години и 9 месеци откако е насрочено првото рочиште по предметот, иако во конкретниот случај станува збор за скратена постапка, односно за полесно кривично дело кое е полесно за утврдување дали е сторено или не. Тука би сакале да потенцираме дека во овој случај јавниот обвинител се иззема од постапувањето една година откако беше започната главната расправа, додека судечкиот судија се иззема 2 години откако беше започната главната расправа, што предизвика предметот да започне одново. Ова уште еднаш укажува на несериозноста во пристапот на засегнатите страни, бидејќи истите можеле да ги знаат причините поради кои им е нарушена непристрасноста уште пред да почнат да работат на предметот. Дополнително, во предметот беа одржани и 14 рочишта во фаза на доказна постапка, но и покрај тоа не беа изведени сите предложени докази, поради што постапката не заврши. По ова следуваше период од 15 месеци во кои судот не успеа да одржи ниту едно рочиште, поради што главната расправа започна одново во август 2021 година поради протек на голем временски период. Ваквото постапување сериозно ги поткопува перцепциите за организациските и менаџерските способности на судот, кој во крајна линија ги има сите законски механизми и одговорност да се погрижи за непречениот тек и правичноста на постапката. Во таа смисла, уште еднаш истакнуваме дека судот не само што не успеа да го неутрализира несоодветното постапување на јавниот обвинител и пропустите во постапката кои веќе се настанати поради истото, туку дополнително ги продлабочи настанатите проблеми со што само ги зајакна перцепциите на јавноста за неефикасноста на судството. 

Конечно, особено е загрижувачки што судот не ја изрече и образложи својата одлука, ниту пак закажа рочиште за објава на истата. Во тој поглед, битно е да се има предвид дека правото на јавност на главната расправа и јавното изрекување на пресудата се две различни права како составен дел на стандардите за фер и правично судење, па така доколку не е прекршено правото на јавна расправа, не значи дека судот може да не ја објави и образложи својата одлука1. Дополнително, согласно членот 398, став 2 од ЗКП, судот не е врзан со предлозите на јавниот обвинител или приватниот тужител во однос на правната оцена на делото, што значи дека во конкретниот случај судот може да не ја прифати преквалификацијата дадена од страна на јавниот обвинител, особено бидејќи истата е дадена во завршните зборови, што значи дека судот имал прилика да се запознае со сите докази, факти и околности на случајот. Во секој случај, независно дали судот ќе ја прифати правната квалификација на делото или не, истиот е должен јавно да ги образложи причините за својата одлука, што е особено битно доколку се земат предвид образложенијата за ваквата преквалификација понудени од јавниот обвинител на главната расправа. Со други зборови, од исклучителна важност е да се увиди дали членовите на комисијата ги исполнуваат дефинициите за службено лице дадени во членот 122, став 4, алинеја Г од КЗ, односно да се утврди дали истите се лица кои вршат определени службени должности врз основа на овластувања дадени со закон или друг пропис донесен врз основа на закон. Фактот што ФЗО е правно лице со јавни овластувања, а не јавна установа не треба да влијае на апликативноста на членот 353-в, бидејќи истиот член поставува алтернативен услов, односно го инкриминира поведението на службено лице, или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа, што не значи дека лицата во јавните установи или јавните претпријатија по автоматизам не може да бидат службени лица. Дополнително, при одлучувањето за правната квалификација на делото, мора да се води сметка за настанатата штета, па така членот 353-в предвидува поголема санкција бидејќи ја зема предвид висината на стекнатата корист, односно причинета штета (потешко се повредени правата на некое лице, услов кој треба да се утврди дали е исполнет во овој случај), може да се смета дека истиот е квалификаторен облик на инкриминацијата од членот 86-б од Законот за здравственото осигурување, а со тоа истиот и да биде апликативен во конкретниот случај. 

Во таа смисла, проблематично може да биде и повлекувањето на обвинителниот предлог против 3 лица, поранешни директори на ФЗО, каде иако не е спорно дека истите ја исполнуваат дефиницијата на службени лица и дека истите ги донеле решенијата со кои е сторена повредата на правата, јавното обвинителство ценеше дека истите не може да бидат одговорни поради тоа што биле обврзани да ги почитуваат мислењата на комисијата. Со ваквото толкување, дека членовите на комисијата не се службени лица, а директорите се обврзани да ги почитуваат мислењата на комисијата, поради што истите не може да сносат одговорност за донесените решенија, фактички се поставува ситуација во која не може да се гонат службените лица вработени во ФЗО (а и други правни лица со јавни овластувања) за било каква злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата. 

Со целокупното вакво постапување од страна на обвинителството и на судот, не само што се создаде слика за неефикасност на судството и обвинителството, негрижа за правата на граѓаните, особено жртвите на неефикасноста на јавните институции, туку се наметнаа и повеќе правни прашања во поглед на гонењето на кривичните дела против службената должност и темелното истражување на ваквите злоупотреби, особено кога има индиции дека истите се сторени со цел да се оствари некаква политичка корист за друг. 

Поради ова, Коалицијата Сите за правично судење апелира на внимателно и темелно постапување од страна на јавното обвинителство, како и на судот во кривичните постапки кои се проследени со голем јавен интерес, со цел да може да бидат научени лекциите од пропустите сторени во минатото, како би се избегнало нивно повторување во иднина. 

Top