[googlemaps https://www.google.com/maps/embed?pb=!1m18!1m12!1m3!1d1990.0549938529887!2d21.428565697555964!3d41.99323095396087!2m3!1f0!2f0!3f0!3m2!1i1024!2i768!4f13.1!3m3!1m2!1s0x0000000000000000%3A0xd367872aff144897!2sCoalition+%22All+For+Fair+Trials%22!5e1!3m2!1sen!2s!4v1458579753963&w=600&h=450]
Home / Event / Јавна реакција по повод судското рочиште за предметот „Тенк“

Јавна реакција по повод судското рочиште за предметот „Тенк“

Apr
11

Коалицијата Сите за правично судење ја истакнува својата загриженост по однос на динамиката на движење и траење на судските расправи а која конкретно кулминираше на рочиштето во предметот познат во јавноста како „Тенк” кое се одржа на ден 10.04.2018г. во Основниот суд Скопје 1 во Скопје, со почеток во 10:30 часот и траеше до 21:36 часот истиот ден. Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот и негово траење од 11 часа сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката со тоа што се врши повреда на нивното право на одбрана. Ова од причина што на обвинетите им се оневозможува правото на ефективна одбрана, а во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана. Имајќи го предвид фактот дека на ова рочиште беа изведувани докази на јавното обвинителство до 21.36ч. , а во текот на следниот ден за кога повторно е закажано рочиште по овој предмет-во 10.30ч., ќе се пристапи кон изведување на материјалните докази и сослушување на сведоци на одбраната, истата не е во можност, во траење на овие 13ч. помеѓу двете рочишта да ја подготви соодветно својата стратегија и да овозможи соодветна одбрана. Дополнително, истото прашање може да биде поставено и преку призмата на другите учесници во постапката, односно колку ефикасни можат да бидат јавните обвинители при застапување на обвинението, како и колку квалитетно судечкиот совет може да го следи текот на расправата?

Членот 6 од Европската конвенција за човекови права упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на време и услови за подготвување на одбрана. Овој член не е апликабилен само на подготвувањето на одбраната во претходната постапка (фаза на истрага), туку истиот се однесува и на можноста одбраната да биде подготвена за било кое дејствие кое е предвидено да се преземе на главната расправа, особено во фаза на доказна постапка во предмети каде се предложени голем број на материјални докази и сведоци. На ова се надоврзуваат и одредбите од чл. 359 од Законот за кривичната постапка кој упатува на текот на главната расправа, односно на фактот дека истата се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во законот, а  во случаите кога не е можно истата да е заврши на едно рочиште, претседателот (на советот) одлучува истата да продолжи следниот работен ден. Во таа насока и ставот 2 од истиот член предвидува дека „претседателот на советот може да определи да се отстапи од редовниот тек на расправањето поради посебни околности, а особено поради бројот на обвинетите, бројот на кривичните дела и обемот на доказниот материјал.“ Оваа одредба од законот предвидува исклучоци токму во обратната насока од постапувањето на судот на овој конкретен предмет, односно давање на повеќе време помеѓу две рочишта за главна расправа. Законот познава престапување преку утврденото работното време на судот (8.30ч.-16.30ч. односно 7.30-15.30ч.) во судските рочишта во исклучителни ситуации, а најчесто кога станува збор за предмети во кои е нужно обезбедување на присуство на обвинетите односно притворенички предмети кои се високоприоритетни и не трпат одлагање.

Дополнително, судската пракса е во прилог на погоре изнесените тврдења, за што говорат и голем број на притворски предмети кои се приоритетни за решавање, за разлика од постапувањето со случаите како што е предметот „Тенк“ каде не е определена ниту мерката притвор, ниту пак има определено други мерки на претпазливост. Пример за ова се и останатите медиумски експонирани случаи каде беше определена мерката притвор, или каде имаше голем број на предложени докази, како што беа предметите „Диво насеље“ и раздвоената постапка за еден од обвинетите, предметот „Шпион“, „Ровер“ или предметите поврзани со протестите за време на „Шарената револуција“ каде што расправите се закажуваа со фрекфенција од еднаш месечно, освен за случаите поврзани со настаните во Кумановско Диво насеље кои се одржуваа со фрекфенција од две или три расправи неделно. Понатаму, со давањето на приоритет во однос на закажувањето на рочиштата за главна расправа на одредени случаи само поради тоа што станува збор за медиумски експонирани случаи, дополнително се влошува состојбата со „обичните“ притворски предмети каде што расправите се закажуваат на подолги интервали, а дури и тогаш се случува да не се одржат поради немањето на услови за транспорт на обвинетите лица

Предупредуваме на фактот дека е неопходно да се зголеми внимателноста при постапувањето на судот во секој сегмент од постапката, особено ако интенција е задржување на кредибилност на целокупниот судски процес и поставување на стандарди за објективност и еднаквост за сите.

Со почит,
Коалиција Сите за правично судење

Top